МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА

Radio G

Gostivar

Болницата се опреми со уште еден дигитален рендген апарат

Објавено на: 21.09.2021 во 15:56

Гостивар, 21 септември 2021  Најголемата здравствена установа во гостиварско, општата болница „Ферид Мурад“ стави во употреба уште еден дигитален рендген апарат. Набавката е спроведена со помош од јапонската амбасада.

Од управата на болницата информираа дека апаратурата е софистициран систем од последната генерација на ваква опрема чија вредност е над 3,5 милиони денари.

– Сакаме да ги информираме граѓаните дека по низата вложувања во медицинска опрема, реконструкции на болничките капацитети, денес имавме чест и задоволство како Управа да го пуштиме во употреба најсофистицираниот дигитален рендген – апарат. Набавката финансиски ја поддржа Амбасадата на Јапонија, наведуваат од болницата.

Во моментов, гостиварската болница располага со вкупно два современи апарати, неопходни за секојдневното работење и дијагностика.

– Раководството на болницата излезе во пресрет на нашите барања и по набавката на првиот ваков апарат во 2019 година, сега со новиот ги имаме сите потребни капацитети за правилен третман на пациенти, рече раководителот на рендген одделот д-р Љубица Анастасиеска.

Гостиварската општа болница вработува над 500 лица и пружа секундарна здравствена услуга на над 100 илјади граѓани од три општини.

згм.