МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА

Radio G

Gostivar

Општина Гостивар ќе вложува во енергетска ефикасност на училишните објекти

Објавено на: 19.04.2022 во 14:18

Гостивар, 19 април 2022 (МИА) Во гостиварската гимназија заврши првата фаза од замената на прозорците со што објектот ќе стане енергетски поефикасен. Инвестицијата од околу 60 илјади евра е заедничка на УСАИД и општина Гостивар.

Првиот човек на гостиварската локална самоуправа денес го посети СОУ Гостивар и се запозна одблизу со реализацијата на проектот за замена прозорците, со Проектот за меѓуетничка соработка на младите во училиштата.

– Во соработка со УСАИД се реализира грантот за замена на дел од прозорците во ова училиште. Во тек е постапка за да се заменат и преостанатите четириесетина прозорци на објектот и за таа цел обезбедивме над два милиони денари. Со оваа вложување значително ќе се подобрат условите за настава и ќе се постигне подобра енергетска ефикасност, рече Арбен Таравари градоначалник на општина Гостивар. Според него, планот е да се замени на столаријата на над осумдесет прозорски окна во гостиварската гимназија и да се стави нова фасада.

Преку УСАИД од проектот Меѓуетничка интеграција на младите во образованието се обезбедни 1,7 милиони денари, а преостанатите два милиони се обврска на општината.

Таравари нагласи дека во училиштата годинава ќе се работи на подобрување на енергетската ефикасност, а како што рече, во основното училиште во селото Дебреше веќе се реконструираат подрумските простории и дел од зградата.

– Деновиве имаме интензивни контакти и ги разгледуваме идејните проекти за обновување на фасади и поставување на соларни панели за повеќе објекти. На тој начин ја потврдуваме заложбата за заштеда на електрична енергија и намалување на трошоците, подвлече гостиварскиот градоначалник.

На новинарско прашање за штрајкот на просветните работници, тој искажа поддршка до наставниците кои ги бараат нивните права. Таравари нагласи дека власта треба безрезервно да ги прифати нивните барања и да ги покачи нивните плати.

згм