МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА

Radio G

Gostivar

Првите 500 дози пристигнаа во Гостивар, вакцинирање од петок

Објавено на: 30.03.2021 во 17:19

Гостивар, 30 март 2021 (МИА) Првите петстотини дози од вакцините против КОВИД 19 денес се доставени во Здравствен дом Гостивар. Тие пристигнаа попладнево од Скопје и се чуваат во соодветни фрижидери кои ја одржуваат препорачаната температура.

            Според директорот Јамин Синани, имунизацијата на населението ќе започне најдоцна до петок оваа недела. Тој нагласи дека има околу 6.000 граѓани од гостиварскиот регион кои се пријавиле по електронски пат или преку матичните лекари. Вакцинирањето ќе започне со лицата кои се на возраст над 75 години.

            За спроведување на процесот за вакцинирање, Здравствениот дом обезбеди и засебна просторија и обучени тимови.

            – Имаме тимови и тие се подготвени да дадваат вакцини. Сите заинтересирани за вакцинација треба претходно да се обратат кај матичните лекари кои ќе ги информираат за точниот термин и кога да се јават во вакциналниот пункт, вели д-р Дафина Богдановска од службата за вакцинација.

            Вакцините кои денес се доставени во Гостивар се производ на Астра-Зенека од Оксфорд, Велика Британија и се дел од количината од 20 илјади дози што нашата земја стигна преку системот Ковакс.

з. г. м.