МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА

Radio G

Gostivar

Пријавени 126 поети на конкурсот за меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“

Објавено на: 02.04.2021 во 13:40

Гостивар, 2 април 2021 Заврши конкурсот за пријавување за осмото издание на Меѓународниот Поетски Фестивал „Литературни Искри“ и наскоро ќе почне селекцијата, информираа од организацискиот одбор на фестивалот. На конкурсот што беше отворен до крајот на март примени се вкупно 126 пријави кои ги исполнуваа критериумите.

За ова фестивалско издание најголем интерес има автори кои се од Македонија, а значителен број се пријавени и автори во категоријата до 18 години.

– Имаме пријави на поети од Србија, Република Српска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Црна Гора и Бугарија. Како и во претходните изданија на фестивалот, се потврдуваат квалитетите на веќе етаблираните поети, но исто така и се откриваат нови поетски пера како од Македонија така и од останатите балкански земји. Им благодариме на сите автори кои конкурираа. Одѕивот и оваа година зборува доволно за препознавањето на уникатноста и квалитетот на фестивалот, изјави за МИА Слаѓана Брезовска координаторот на фестивалот.

Таа посочи дека заради актуелната ситуација со пандемијата и за ова издание ќе бидат принудени да ја приспособат организацијата на завршниот настан кој лани се одвиваше онлајн преку социјалната мрежа Фејсбук.

Составот на тричлената жири-комисија ќе биде објавен откако ќе се изврши оценувањето, заедно со резултатите до крајот на април. По оценувањето на пристигнатите творби ќе биде објавено кои од поетите ќе влезат во финалето и номинирани за награди и кои автори ќе бидат застапени во заедничката поетска збирка.

Највисокото признание е Гран при на фестивалот што ќе го понесе авторот кој ги добил највисоките оценки од жирито. Во категоријата над 18 години ќе се доделат: прва, втора и трета награда на фестивалот, најдобар странски автор, а во категоријата до 18 години се доделува награда за најуспешна „млада искра“.

Минатата година на седмото издание на фестивалот Гран при нагрдата ја осовои Надица Тренчева од Кавадарци.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни Искри“ се одржува во чест на Денот на сé словенските просветители Кирил и Методиј – 24 Мај.

з.г. м.