МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА

Radio G

Gostivar

Состојбата со Ковид-19 во Мавровско-реканскиот крај е надвор од контрола, се бара онлајн настава

Објавено на: 29.08.2021 во 19:51

Гостивар, 29 август 2021     Кризниот штаб на Општина Маврово и Ростуше по оценката за алармантна состојба со Ковид-19 во регионот, побара од надлежните наставата во сите основни и средни училишта во Општината првиот месец од почетокот на учебната година да се одвива онлајн.

– Врз основа на податоците, моментната состојба се оценува како алармантна, односно дека состојбата е вон контрола. Вирусот е распространет во сите населени места на територијата на Општината. Во моментот регистрирани се над 500 лица кои се активни. Претпоставка е дека нивната бројка е многу повисока, бидејќи многу заразени не се јавуваат на преглед во почетна фаза, стои во барањето.

Од Кризниот штаб констатираат дека оваа бројка за општина со мал број на население како Маврово и Ростуше е драматична. Состојбата би се влошила доколку учениците кои во овој регион би се групирале за настава.

„Поради вака настанатата состојба бараме да се донесе одлука за следење на онлјан настава во траење од еден месец за сите ученици од четирите основни и средното општинско училиште. На тој начин сметаме дека ширењето на вирусот ќе биде намалено, односно состојбата може да се следи и стави под конрола од страна на здравствените работници“, стои во барањето на Кризниот штаб.

Минатата недела, Комисијата за заразни болести даде препорака средните училишта во Тетово и Гостивар првите две недели од новата учебна година да ги започнат со онлајн настава. Со физичко присуство можат да почнат основните училишта.