МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА

Radio G

Gostivar

Со песна против војна (2): Слушај ваму-Римтутитуки/„Slušaj ’vamo“ /Rimtutituki

Објавено на: 26.02.2022 во 00:02

Гостивар, 26 февруари 2022 Во историјата на популарната музика забележани се многу песни кои содржат антивоена порака и повикувале на прекин на воените дејствија. Реално, песната не можела против силата на оружјето, но влевала оптимизам дека лудилото ќе престане.

Во второто продолжение од „Со песна против војна“ кампањата на Radio G, за денес на 106,4 ќе ја слушаме „Слушај ваму“/ „Slušaj ’vamo“ на бендот Римтутитуки/Rimtutituki.

Инаку оваа песна е позната и под насловот „Мир, брате мир“, според стихот во рефренот и настанала пред 30 години. Официјалната промоција на синглот е одржана на 2 март 1992 година како најава за албум на бендот. Освен што овој бенд го сочинуваат звучни имиња од тој период на Ју-рок сцената, интересно е неговото име. Римтутитуки е всушност фраза на шатровачки (неформален сленг говор во кој се пермутираат слоговите: вопи-пиво, воздра-здраво, векчо-човек). За да се избегне вулгарноста на конотацијата од трите збора (Турим ти киту), тие се споени и потешко може да се продре во значењето.

Песната „Слушај ваму“/„Slušaj ’vamo“ со која Римтутитуки станаа симбол на обидот да се спротивстави на омразата и поттикнувањето војна, што ги зафати сите републики на поранешна Југославија. Имено, во 1992 година започна опсадата на Сараево. Ситуацијата се заоструваше од сите страни. Во Белград група музичари решија да го кренат својот глас против лудилото на војната, отворено спротивставувајќи се на тогашните милитантни власти. Познато е што се случи потоа.

Музиката на бендот која ја свиреа и од камион не успеа да ги стивне воените истрели. Но, единствената снимена песна стана „химна“ на бунтот, доказ дека имало и такви кои не сакале да молчат, дека имало и такви кои се бореле за здрав разум и хуманост во едно страшно време.

Членот на Римтутитуки и лидер на ЕКВ/EKV Милан Младеновиќ/Milan Mladenović во тоа време ќе каже:

„Мојата прва и најголема желба би била да се разбудам и да дознаам дека е 1990 година и да кажам: Ах, но јас сонував лош сон“.

Втората антивоена песна во серијалот „Со песна против војна“ е дело на бендот во кој се собраа членовите на тогаш највлијателните белградски рокенрол состави Партибрејкерс/ Partibrejkers, Електрични Оргазам/ Električni Orgazam и ЕКВ-EKV:

Зоран Костиќ Цане/Zoran Kostić Cane, Небојша Антонијевиќ Антон/Nebojša Antonijević Anton, Борко Петровиќ/Borko Petrović, Срѓан Гојковиќ Гиле/Srđan Gojković Gile, Горан Чавајда Чавке/Goran Čavajda Čavke, Зоран Радомировиќ Шваба/Zoran Radomirović Švaba, Љубомир Јовановиќ Јовец/Ljubomir Jovanović Jovec и Милан Младеновиќ/ Milan Mladenović.

Останало запишано дека музиката ја направиле Милан, Антон и Гиле, а текстот го напишал Цане.