Прва форумска сесија за справување со аерозагадувањето одржана во Гостивар
Гостивар, 18 септември 2024 – Во малата сала на Центарот за култура АСНОМ Гостивар се одржа првата форумска сесија посветена на справувањето со аерозагадувањето, организирана во рамките на иницијативата за подобрување на квалитетот на воздухот во регионот. Попладнево на едно место се собраа претставниците на локалната власт, граѓанските организации и експерти во областа на животната средина, да ги определат приоритетите и да изберат проект со конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.
– Низ две форумски сесии сакаме да ги слушнеме мислењата и предлозите на граѓаните за намалување на загадувањето. На ваков начин ќе се одредат приоритети и зависно од големината на проектите, еден или два ќе се имплементираат во 2025-та година. За оваа намена, УНДП ќе обезбеди 10 милиони денари, а исто толку ќе издвои и Општината Гостивар, рече раководителот на општинскиот Сектор за екологија, Зуди Џелили.
На форумските сесии треба да се презентираат различни решенија за подобрување на квалитетот на воздухот и да се разгледаат предлози за финансирање на проекти кои ќе имаат долгорочен ефект врз намалување на штетните честички во воздухот.
– Општината има подготвено годишна програма за справување со загадувањето. Досега сме направиле мрежа на мерни станици поставени на неколку локации и се мера квалитетот на воздухот, а субвенционираме и купување на инвертери и велосипеди. Доколку финансиските услови ни дозволат, оваа и наредната година ќе имаме такви мерки. Годинава учествуваме и во Недела на мобилност, во чии рамки се организира Ден без автомобили, за да ги мотивираме граѓаните повеќе да користат велосипеди и да се движат пеш, рече вд градоначалникот Ваљбон Лимани.
Како резултат на оваа иницијатива, се планира реализација на завршен проект кој ќе има вредност од 20 милиони денари. Овој проект е дел од пошироката стратегија за борба против аерозагадувањето, со фокус на примена на еколошки технологии и подигање на свеста кај локалното население.
Пред учесниците на форумската сесија беше презентирано и дел од истражувањето на стручњаци од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип за од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ во кој Гостивар е еден од петте вклучени градови.
– Специфично за Гостивар е минералната прашина од околината, каменоломите кои ги има во поголем број и околните градежни активности. Вредностите просечно ги надминуваат дозволените норми, но некаде за 10-15%, што не е случај со другите поголеми градови. Доколку се спроведат препорачаните мерки, тогаш Гостивар ќе има почист воздух, рече професорот Дејан Мираковски.
Целта на иницијативата Форуми во заедницата е да се осигури дека сите заинтересирани страни ќе бидат активно вклучени во процесот на носење одлуки и во имплементацијата на предложените решенија.
Коментарите се затворени.