Догодина ЈП Русино – Полог ќе работи со сопствена механизација

Гостивар, 20 декември 2024 – Надминување на проблемите во работењето на регионалната депонија Русино е предвидено со пари од Европската банка за обнова и развој, најави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити по средбата со гостиварскиот градоначалник и раководството на ЈП Русино – Полог. Набавката на механизација, значително ќе ги намали трошоците, бидејќи досега се ангажираа надворешни фирми на претпријатието и за тоа се трошеа годипно околу 100 илајди евра.

Меџити напомна дека бил информиран за состојбата и попрецизно ја разгледал состојбата на депонијата и проблемите со кои се соочува претпријатието, а било разговарано и за начините и како може да се излезе во пресрет.

– Министерството за животна средина веќе спроведува тендерска постапка со средства од ЕБОР од каде се земени 55 милиони евра. Од нив добар дел ќе одат и за депонијата Русино. Идејата е некаде околу март месец, сето она што депонијата сега го плаќа како аутсорсинг, да го има како своја механизација, рече Меџити.

Според него ваквата набавка видно ќе го помогне работењето, но и како што посочи, ќе ги намали обврските кои ЈП Русино-Полог ги има кон надворешни компании. Од поважните работи кои се планирани да се финансираат со овие средства е градење на претоварна станица (трансфер станица) во Тетово на која ќе се собира отпад.

Вицепремиерот и министер за екологија Меџити во насока на подобрување на ефикасноста на депонијата Русино, најави и проект чија цел е мониторирање на целиот процес на управувањето со отпадот во полошкиот регион. На тој начин, како што рече ќе се види каде се недостатоците и подобрување според бараните стандарди, а предвидена е и набавка на контејнери и возила за транспорт за јавните комунални претријатија.

– Пред неколку дена ние промовиравме програма за почист воздух и животна средина со која предлагаме да има и комунална полиција која ќе се занимава со депониите и отпадот. Бидејќи, доаѓајќи наваму, видов дека за да се избегнат плаќања, се креираат мали депонии покрај патиштата и затоа е потребна и комунална полиција, рече министерот Изет Меџити

Директорот на ЈП Русино – Полог, Сазан Хорвати, напомена дека се соочуваат проблеми кои произлегуваат од долгови на комуналните претпријатија кои депонираат смет на депонијата. Тие до денес изнесуваат 19 милиони денари, а најголеми должници се јавните претпријатија од Тетово и Гостивар.

 

згм

Коментарите се затворени.