Одбележан денот на општина – Гостивар в’ срце
Гостивар, 23 декември 2024 (МИА) – Со пригодна програма, доделување на признанија и благодарници, вечерва во центарот за култура „АСНОМ“ под мотото „Гостивар в’ срце“ беше одбележан 23 декември, Денот на општината. Годинава, признанието почесен граѓанин и клучот на градот му беше врачено на пензионираниот наставник Хазби Фејзи.
Вршителот на должноста градоначалник, Ваљбон Лимани во обраќањето ја истакна мултиетничноста на гостиварската општина и напомена дека тоа е придобивка.
– Со гордост можам да кажам дека нема друг град во Македонија каде што има толкава толеранција и успешен соживот. Овој неверојатен факт е водич за тоа што сакаат гостите. Ни требаат еднакви услови за сите, ни треба сéопфатен професионален начин на размислување. Ни требаат чисти патишта за сите. Топли училишта за сите, паркови и игралишта за сите. Без оглед на нашите различности, нас нè обединува многу поголема работа како што е Гостивар, рече Лимани.
Тој во обраќањето му заблагодари на претходникот и актуелниот министер за здравство Арбен Таравари за раководењето со локалната самоуправа изминативе години. Лимани изрази оптимизам за развојот на општината со оглед, на како што рече дошло до рушење на политичкиот режим кој предизвикал блокади во функционирањето на државата.
– Со гордост можам да кажам дека денес сме слободни и конечно ќе го добиеме она што ни следува од централната власт и ќе имаме одлични вложувања, од кои дел веќе почнаа да се реализираат, потенцира првиот човек на општина Гостивар во обраќањето.
На свечeнoста беше присутен и Арбен Таравари, поранешен градоначалник на општина Гостивар. Тој рече дека Гостивар е кислород за секој гостиварец, а работата на градоначалникот ја опиша како најблагородна работа што некогаш ја работел. Тој во обраќањето го пофали неговиот наследник за посветеноста во работата и раководењето со Гостивар.
Благодарници им беа доделени на истакнати личности, здруженија и организации кои со нивната работа и залагања биле промотори на локално и меѓународно ниво. Локалната самоуправа награди и поединци кои дале значаен придонес во различни области. Годинава на општинскиот празник признанија за придонес во музиката добија рок групата Ареа, Хакан Мазар и музичкиот состав Шкендија.
Коментарите се затворени.