Преоптовареноста и реконструкциите на мрежата прават проблеми во снабдувањето со струја

Гостивар, 26 декември 2024 – Прекини во снабдувањето со електрична енергија се регистрирани во повеќе населени места во гостиварско. Најмногу реакции доаѓаат од селата Врапчиште, Дебреше и Чегране, каде според реакциите на тамошните жители, прекините се долготрајни.

Од Електродистрибуција напомнуваат дека во овој период е забележано неконтролирано трошење не енергија, која предизвикува испади.

– Во овие села тековно се работи на реконструкција и модернизирање на мрежата, а со жителите имаме одлична соработка. Дел од проектите се завршени, а за дел од нив продолжуваме со секојдневна работа на терен. Во селата со недовршени проекти, загубите се сè уште на високо ниво како резултат на нелегалните приклучувања и неконтролираното трошење на енергија од страна на дел од жителите, наведуваат од Електродистрибуција.

Во одговорот на реакциите, од Електродистрибуција стои дека дел од корисниците трошат над дозволеното според стандардните приклучоци во државата кои изнесуваат 11кВ едновремена моќност, а со тоа и предизвикуваат преоптоварување на мрежата.

– Овие корисници треба да се обратат во Корисничкиот енерго центар на Електродистрибуција во Гостивар со барање за зголемување на моќноста, стои во одговорот.

Од општина Гостивар каде пристигнале реакции и поплаки во врска со прекините на електричната енергија, потсетија дека надлежноста е на приватната компанија.

– Упатуваме апел до компанијата да го третира овој проблем со приоритет и сериозност, особено сега, во периодот кога имаме голем прилив на иселеници и многу домови користат електричната енергија за греење, стои во соопштението на општина Гостивар.

 

Коментарите се затворени.