Декларацијата за иселениците не се најде на дневен ред, советниците на ДУИ ја напуштија седницата
Гостивар, 30 декември 2024 – Членовите на ДУИ во општинскиот совет ја напуштија денешната седница во знак на револт откако беше одбиено нивното барање да се стави на дневен ред Декларација против одлуката на Владата дијаспората да се тргне од државното планирање. Инаку со оваа одлука на Владата на РСМ, во иднина ќе се намали бројот на советници за осум. Барањето на советниците на ДУИ беше истакнато на самиот почеток на седницата низ дискусии и процедурални забелешки.
Намик Дурмиши, претседателот на Советот, во образложението за одбивање посочи дека во овој случај не е запазена процедурата. За предлогот да биде ставен како точка на дневниот ред треба најнапред да се достави официјално барање преку архивата, а потоа да биде разгледано во надлежната комисија. Дурмиши напомена дека без почитување на процедурите нема да постапи поинаку и надвор од овластувањата, тој забележа дека ова прашање се користи за политички маркетинг.
– Три месеци го поставувате истото барање, но не ја почитувате процедурата, а како совет мора да функционираме според процедурите. Наместо да дискутирате за буџетот, развојната програма, да учествувате во одлуки за подобар Гостивар, вие ги напуштате седниците, рече претседателот на општинскиот совет Намик Дурмиши.
Откако се разви дискусија во неколкуте реплики, советниците од ДУИ ја напуштија салата и одржаа прес-конференција на која го образложија нивниот потег. Транскриптот од изјавата го пренесуваме во целост.
– Групата на советници на Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја изразува својата загриженост и разочарување поради отфрлањето на нашата изјава од страна на Советот на општината, со која се бараше да се разгледа одлуката на Владата од 24 септември да не ги смета иселениците како жители нерезиденти. И покрај следењето на процедурите, нашата изјава беше отфрлена, со што беше доведена во прашање процедуралната правда и Демократскиот процес во Советот. Неприфатливо е образложението на општината дека изјавата е надвор од делокругот на Советот. Оваа одлука има сериозни последици за Гостивар, исклучувајќи 33.000 жители и намалување на Советот на 8 советници. Ова е удар врз правата и интересите на граѓаните на Гостивар и има економски последици, што доведува до загуба од над 2,5 милиони евра средства за општината. ДУИ ја осудува одлуката на Владата за исклучување на албанската дијаспора од процесите на одлучување, таа е противуставна и незаконска, политички мотивирана и директно им штети на граѓаните на Гостивар. Оваа одлука има сериозни финансиски последици за граѓаните, бидејќи загубите во финансирањето ќе ги погодат сите жители. Групата советници на ДУИ бара одговорност од министерот Арбен Таравари и од министрите Албанци кои не ги заштитиле правата на над 170.000 иселеници. Нивниот молк и неработење во овој критичен момент е неприфатлив. Ние сме непоколебливи во нашата заложба за заштита на правата на граѓаните и за еднаква иднина за сите жители и албанската дијаспора. Нашата борба ќе продолжи до највисоките инстанци за да гарантираме еднаквост и правда за нашата заедница. ДУИ ќе продолжи да се бори за правата на граѓаните и за поправедна иднина на сите, беше кажано на прес-конференцијата.
Коментарите се затворени.