КК Гостивар – младинска ќе соработува со КК Црвена Звезда (ВИДЕО)

Гостивар, 31 декември 2024 – Управата на КК Гостивар младинска ја заокружи оваа година со значаен проект од кој се очекува унапредување на работата со младите категории. Соработката со кошаркарскиот гигант на Балканот и Европа е официјализирана вчера (30 декември 2024) со потпишување на меморандум за соработка помеѓу двата клуба.

Еден од иницијаторите за овој потег беше тренерот, Петар Ангелов кој напомена дека соработката започнала на пријателска база со познанството со Александар Баста, одговорен за младинските категории на Црвена Звезда.

– Најнапред тоа беше соработка на кампови кои се одржуваа три години по ред во Врњачка бања. Мојот предлог беше прифатен срдечно и пријателски од нивните тренери и координатори се ставија на располагање, вели Ангелов.

За тоа што опфаќа соработката со „црвено-белите“ од Белград, популарниот Пепи вели дека деталите се напишани во самиот меморандум, но таа ќе се унапредува.

– Генерално тој се од неколку точки. Наведени се целите, полето на соработка, координација и имплементација. Тие насоки беа разговарани во Белград, а сега веќе тоа е официјализирано. Со тоа порасна и довербата на двете страни, вели Ангелов.

Проектот за ангажирање и работа со младинските категории и создавање на играчки кадар, го води Звонко Михајлоски. Тој смета дека по овие три години работење, соработката со еден од „титаните“ на балканската кошарка ќе придонесе за значајно подигањето на нивото на работа и постигнување на резултати. Тој не го криеше задоволството од соработката, бидејќи, како што нагласува вака може да се научи уште повеќе.

– Да соработуваш со екипа која е постојано во „евролигата“ е голема одговорност за нас како управа во младинските категории пред сè на организациски план. Секако ќе има што да научиме и примениме во нашиот клуб, вели Звонко.

Мисијата на овој клуб, како што наведува Михајлоски е преточена во пораката до родителите на децата да нè се залажуваат „розеви“ приказни кои им кажуваат од останатите клубови.

– Бидете први во нашето „село“, отколку последни во туѓиот „град“. Сега имаме и услови и кадар, па децата може да спортуваат на високо ниво. Најдобро е да го задржат локал родољубивиот дух кој го градиме заедно и да продолжат како и досега, со срце да играат за својот клуб за својот град, потенцира директорот на клубот Звонко Михајлоски.

Тој вели дека потпишувањето го оставија да биде како „шлаг на торта“ за да се заокружи 2024 година како успешна за КК Гостивар Младинска. Годинава клубот е еден од најуспешните во општината, а тренерот и координатор Петар Ангелов за спортски работник и добија општински признанија.

На крајот од разговорот со двајцата спортски работници, тие ја искористија приликата на сите сограѓани да им посакаат, здравје и радост во 2025 година, а членовите да бидат здрави весели и подобри личности од вчера.

тука можете да го погледенте и разговорот во гостувањето на МРТВ

Коментарите се затворени.