CODE 369 и Мила Влаисављевиќ го објавија новиот хит-сингл „Конкретно“
Гостивар, 6 февруари 2025 – Македонскиот бенд CODE 369, кој создава под покровителство на Croatia Records, го претставува новиот сингл „Конкретно“. Станува збор за соработка со пејачката Мила Влаисављевиќ. Песната обединува два силни женски вокали, проткаени во мелодија која повикува на танцување и забава. Во текстот се содржат и пораките за денешните односи и недостигот на конкретност.
Автори на песната се Мила Влаисављевиќ (текст), Даниел Митревски, член на CODE 369, ја компонираше музиката, додека аранжманот е дело на целиот бенд. Музичкото видео содржи динамични танцови снимки и енергична атмосфера, надополнувајќи ја пораката на песната. Ритмичката продукција и богатите инструментални делници даваат свежина и разиграност, правејќи го „Конкретно“ заразен сингл.
„Соработката со Мила започна благодарение на Амир Бахтијаревиќ, кој нè запозна. Тој беше личноста која не поврза со Croatia Records, заедно со нашиот менаџерски тим од БАГИ Комуникации. Едноставно ни се јави и рече дека Мила би сакала да соработува со нас и да сними нешто во нашето студио. Затоа решивме да направиме нешто заедно. Текстот е модерен и женствен и решивме да го обработиме во дует, јас и Мила“, изјави вокалистката CODE 369, Ирена Димовска Митревска.
Гостинката не го крие задоволството од соработката и особено е воодушевена од престојот во градот на конзулите.
„Многу ми се допаѓа Битола, се чувствувам добредојдено од првиот момент кога пристигнав. Овој град брзо ми стана близок, а најзаслужни за тоа се моите колеги Ирена и Даниел од групата CODE 369. Нашата соработка е на некој начин меѓународна и преку музика ги поврзуваме нашите земји: Македонија, Србија и Хрватска“, рече Мила.
Бендот CODE 369 е создаден како продолжение на музичките активности на членовите на Pumpers, Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски. Нивната музика e комбинација на алтернативен и комерцијален рок и поп, а текстовите ги одразуваат универзалните човечки вредности.
Тука може да го погледнете и видеоспотот
Коментарите се затворени.