Гостивар и Гњилане заеднички ќе работат на еколошки проект од програмата ИПА 3
Гостивар, 11 февруари 2025 (МИА) – На последната средба на градоначалниците на општина Гостивар, Ваљбон Лимани и општина Гњилане, Албан Хисени постигнат е договор за заедничка имплементација на проект финансиран од програмата ИПА 3. Според информациите од општина Гостивар станува збор за проект кој има за цел подобрување на еколошката одржливост, намалување на влијанието на климатските промени и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните во двете општини.
Градоначалникот Лимани смета дека со постигнатиот договор се прави значаен чекор кон одржлив развој и регионална соработка.
– Овој проект е доказ за нашата посветеност кон почиста и поздрава иднина за нашите граѓани. Соработката со Гњилане ќе донесе реални промени во квалитетот на животот и ќе воспостави успешен модел за прекугранична соработка, изјави Лимани.
Главните активности во рамките на оваа иницијатива вклучуваат развој на зелена и еколошки прифатлива инфраструктура – Општина Гостивар ќе започне транзиција од традиционалните системи за греење со фосилни горива кон употреба на топлотни пумпи, со што ќе се намали загадувањето на воздухот. Во меѓувреме, во Општина Гњилане ќе се создадат урбани зелени површини со цел подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина.
Според најавите, заедничкиот проект Гостивар-Гњилане е важна иницијатива во рамките на програмата ИПА 3, а неговата имплементација се очекува да започне во наредните месеци.
Коментарите се затворени.