In Memoriam Анте Тодороски (1959-2025)

Гостивар, 17 февруари 2025 – Почина Анте Тодороски еден од најистакнатите членови и раководители на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“. Целиот работен век го помина во друштвото во кое се зачленил од најрана возраст. Прво членувал во драмската секција, со која подоцна раководи и бил режисер на неколку претстави. Раководната функција како секретар на ГАКУД „Браќа Ѓиноски ја презема во 1983 година сè до пензионирањето во 2023 година.

Анте има значаен придонес во организирањето културни настани во Гостивар и остави траен белег културниот живот. Во последните три децении им се посвети на работата за зачувување на фолклорната традиција и организрањето на концерти и настапи со фолклорната група. Неговиот ентузијазам го паметат многу генерации на кои им ја всади љубовта кон музиката, глумата и уметноста.

Последните години имаше здравствени проблеми и се обидуваше да ги надмине, но последната битка ја загуби додека беше на лекување во Штип. Анте Тодороски почина на 66 години на 17 февруари 2025. Погребот е закажан за утре (вторник 18.02) во 13 часот на новите градски гробишта во Млаки

Коментарите се затворени.