Протест на жители од Здуње: Ни одзедоа место на кое има гробишта за да се гради пат

Гостивар, 24 февруари 2025 – Група жители од гостиварското село Здуње денес излегоа на протестен собир на кој искажаа незадоволство поради одземање на дел од земјиште за кое тврдат дека се стари гробишта и низ него да минува помошен пат од Коридорот 8. Педесетина протестанти се собраа во близина на местото каде се отвора помошен пат за потребите на градежната оператива која работи на автопатот. Според нив, на тоа место имало гробишта кои стари повеќе од два век и бараат да им се врати во владение.

Фарук Ферати, потпретседател на месната заедница Здуње, на собирот посочи дека одземањето на парцелата со површина од околу 400 квадратни метри е одобрено од гостиварската муфтинија.

– Пред два месеци поднесовме барање со потписи на жителите на Здуње до ИВЗ. Промената на сопственоста е направена без наше знаење и тоа го направиле членовите на претходното раководство на месната заедница. Земјиштето претходно било сопственост на ИВЗ, но на некој начин направена е промена на сопственост и оваа парцела станала сопственост на државата, вели Ферати.

Тие поставија четири барања меѓу кои е добивање на одговор од ИВЗ под кои околности дошло до промената. Тие од собирот најавија дека во спротивно ќе го откажат членството во ИВЗ и нема да ги плаќаат таксите кон верската заедница.

За случајот на новинарско прашање одговор даде и министерот за транспорт Александар Николоски. Тој посочи дека Владата нема ингеренции да ја измени трасата, бидејќи целосната одговорност за проектирање и изведба ја има конзорциумот Бехтел и Енка.

– Во однос на проблемот на Коридор 8, таму изведувач е конзорциумот Бехтел и Енка. Согласно законите донесени од претходната Влада, тие имаат целосна контрола врз проектирањето и трасирањето. Владата нема можност да интервенира, освен да замоли за промена и тоа ќе се направи на првиот нареден состанок со претставниците на конзорциумот, рече Николоски на прес конференцијата, а подоцна го повтори и во гостување на телевизија.

Протестантите тврдат дека измената на сопственоста е направена за да се овозможи поминување на трасата и бараат да се врати првото градежно решение со кое се заобиколува парцелата.

Коментарите се затворени.