ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ се подготвува за јубилејот 75 години постоење, повик до ветераните да се приклучат

Гостивар, 27 февруари 2025 – Подготовките за претстојниот голем „платинест“ јубилеј на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ се започнати и во тек подготовка на програмата. Раководство предвидува повеќе активности и атрактивна програма во која со предлози и учество ќе бидат вклучени и постарите генерации на членови и „ветерани“.

Претседателот на друштвото, Предраг Ристески за Radio G изјави дека подготовките за празнувањето на јубилејот одат според планираното, а првично замислената програма може да биде збогатена со нови точки.

– Со редовните групи активно работиме на проширување на репертоарот. На љубителите на фолклорот, уште сега можам да им најавам целосно различен и тематски пристап на нашата презентација. Тие новини всушност ќе бидат и дел од нашите настапи во наредниот период, вели Ристески.

Тој открива дека мотивацијата за новата програма, членовите ја наоѓаат токму во традицијата на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.

– Друштвото не е дрво без корен. Континуитетот од 75 години со кој верувам не само ние, се гордее секој гостиварец, дава една посебна магија која нè тера и денес да продолжиме со активностите. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на претходните генерации игроорци за одржувањето на континуитетот и да ги повикам и да се приклучат во што е можно поголем број, потенцира првиот човек на ГАКУД „Браќа Ѓиноски.

Ристески открива дека одбележувањето на јубилејот е замислено како своевидно патување низ времето. Се планира на славеничкиот концерт да продефилираат неколку генерации на игроорци. За таа намена од друштвото упатуваат повик до сите поранешни игроорци, музичари, раководители, да се пријават во наредниов период и да се формираат групите и определат термини.

Коментарите се затворени.

Radio G