Работна група ќе бара решение за дисперзирање и рационализација на националните установи во Гостивар
Гостивар, 7 април 2025 – Предлог за решавањето на просторните проблеми на националните установи кои делуваат на полето на културата во Гостивар ќе го даде работна група, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков во одговорот на новинарско прашање по денешната работна посета. Тој потврди дека повеќето немаат соодветни услови за работа и тоа му било кажано во разговорите со директорите и раководителите, но прво треба утврди со какви просторни капацитети располага Гостивар и за која намена ќе можат да се искористат. Повеќечасовната посета, беше искористена за разговори со директорот на Конзерваторски центар, Цветко Новаковски, Центарот за култура Фарије Адили, Галерија Гостивар Луан Зенку, Гостиварски тетатар Сулејман Рушити.
– Се договоривме да направиме една работна група и заедно со локалната самоуправа да ги видиме сите капацитети кои ги имаме и неискористени простори и институции коишто во иднина би можеле да бидат пренаменети за некои други активности, а со тоа би биле и заштитени и да не стојат празни, рече Љутков.
Тој напомена дека таа задача е на заменик-министерот и препорачал во неа да се вклучат и локални институции. Љутков очекува во наредниот период да добие извештај кој ќе препорача и рационализација на институциите во Гостивар.
Министерот во одговорот посочи дека локалните институции, имаат проблеми кои датираат од поодамна и тие мора да се решаваат.
– Во Центарот за култура ги имаме и Центарот за култура и гостиварскиот театар и Националната галерија и библиотеката, тоа значи дека четири институции имаме во една којашто не исполнува услови ниту за една.
Љутков напомена дека големата сала, но и целиот објект не се баш во добра состојба и потребно е да работи на тоа.
Тој смета дека е потребно да се дисперзираат и неколку национални установи, бидејќи како што рече, најголем обем за работа има гостиварскиот театар, а условите што ги има, не се ни одблиску такви какви што треба да бидат.
На прашањето дали се размислува за градба на нов објект, за театарот или нов Центар за култура во Гостивар, Љутков потсети дека од 2004 година наваму кога се споени голем дел од институциите, театрите биле засебно, центрите за култура биле засебно и биле под локална самоуправа. Тоа според него е погрешна политика.
– Кога се споиле, направена е многу голема грешка во културата и оттогаш почнуваат проблемите. Потоа, од 2018 година имаме нови проблеми кога се отворани нови институции, без претходно да се направи анализа каде тие ќе бидат сместени. Лани, се отворија седум нови национални установи, меѓу кои и Националната галерија Гостивар, без претходно да се размисли дали има обезбеден простор, услови и сега се соочуваме ние, заклучи министерот Љутков.
згм
Коментарите се затворени.