Гостивар заслужува внимание и поддршка од Министерство за култура и туризам

Гостивар, 7 април 2025 – Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и заменик-министерот, Седат Сулејмани ги посетија културните институции и објекти кои имаат културно-историско значење. При посетата тие се запознаа со тековните активности и идните проекти кои се реализираат со поддршка на министерството. Љутков посочи дека е важно да се поддржат културните активности во градот и да се решат проблемите се кои се соочуваат институциите при заштита на објектите кои се културно-историско наследство во Гостивар и околината.

– Посетивме неколку објекти кои се значајно културно богатство на Гостивар. Во Старата џамија во Равен, значајно културно наследство од 19 век, изминатите години повеќепати е интервенирано. Оваа 2025 година за џамијата од страна на Министерството за култура и туризам доделени се 1,5 милион денари за обработка на дрвените делови во ентериерот, на фасадата, минарето и довршување на партерното уредување на дворот, изјави Љутков.

Досега за реставрација и заштита на овој објект министерството доделило околу 135.000 евра.

Тој ја посети и црквата Св. Димитрија и други значајни објекти како Беговата куќа, куќата на Ахмет Чако, Саат кулата и Старото медресе. Љутков напомена дека во црквата Св. Димитрија (изградена во 1840 година) годинава ќе се реализира втората фаза на основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата за која се доделени над близу 35 илјади евра (2.124.000 денари).

Министерот Љутков нагласи дека значајното културно богатство на Гостивар е причина овој град да биде привлечна дестинација за туристите.

– Овој град е богат со уникатни историски споменици, кои сведочат за нашето минато. Затоа, наша основна заложба е да продолжиме со реализацијата на проекти кои не само што ќе ги заштитат нашите културни вредности, туку и ќе го направат Гостивар и Македонија атрактивна дестинација за сите кои сакаат да ја откријат нашата богата културна и историска традиција, рече Љутков.

За заштита на културно-историското наследства во Гостивар досега се доделени 9.2 милиони денари или околу 150.000 евра.

 

Коментарите се затворени.

Radio G