За три месеци во гостиварската болница вложени 12 милиони денари, до крајот на годинава ќе се вработуваат и специјалисти
Гостивар, 11 април 2025 (МИА) – Со симболично сечење на лента, министерот за здравство, Арбен Таравари денес во гостиварската општа болница го предаде во употреба реновираниот оддел за интерна медицина. Тој при посетата промовираше и неколку инвестиции во најголемата здравствена установа во општина Гостивар каде од почетокот на годината се вложени 12 милиони денари. Целта, како што рече министерот Таравари, е пациентите да имаат достоинствени услови и подобри здравствени услуги.
– Едниот дел од интерното одделение е комплетно реновиран и сега условите за пациентите се достоинствени. Со ова општата болница станува лидер во инвестирање во јавното здравство. Ова практично е четврта промоција на вложувања во болницата. Вака и ќе продолжиме, рече Таравари
Тој посочи дека во општата болница „Ферид Мурад“ се работи на подновување на одделот за офталмологија и најави скорешно промовирање, а деновиве во употреба е ставена уште една операциона сала, која е комплетно опремена со сите елементи. Со тоа, како што рече министерот Таравари, болницата ќе има три хируршки сали и како што нагласи за пациентите ќе значи пократко време за чекање.
Реконструкцијата на стариот дел од интерното одделение била неопходна, бидејќи според Бесник Зеќири директорот на болницата, во тој дел не интервенирано речиси половина век.
– Ова беше неопходно, со оглед дека интерно со пациенти е едно од најфреквентните одделенија во болницата. Покрај на новата операциона сала во изминатите три месеци ги заменивме сите врати на Ургентниот центар, главниот влез на болницата и во одделите за офталмологија, гинекологија, рече директорот Зеќири.
Тој напомена дека со новите конкурси се очекува зголемување на медицинскиот кадар со што ќе се надомести недостигот од лекари специјалисти.
– Ќе примиме 12 специјализанти од речиси сите области. Таму каде што ни недостига како, кардиолог, двајца гинеколози, невролог, астролог, двајца педијатри и сите кои се при крај со специјализациите, нив ќе ги примиме. Ние имаме околу триесет, внатре во болницата. Десет кои се при крај со специјализациите ќе почнат со работа до крајот на годината. Со тоа значително ќе се зајакнеме во пружањето на здравствените услуги, рече директорот на општата болница Бесник Зеќири.
Општата болница „Ферид Мурад“ е најголемата здравствена установа во општина Гостивар со близу петстотини вработени и пружа услуги на пациенти кои доаѓаат од околните општини, како Врапчиште, Мавровои Ростуше, Дебар и Кичево.
згм
Коментарите се затворени.