Годинава над 70 наставници, пожарникари и административци добија решенија за вработување

Гостивар, 11 април 2025 – Педесетина наставници кои работеле со договор на дело конечно добија решенија за вработување на неопределено во првите три месеци од годинава. Помалку грижи имаат и уште дваесетина вработени во противпожарната единица и општинската администрација на кои годинава им се подобри работниот статус.

– Оваа година издадовме 51 решение за вработување. Со нив се опфатени пред сè наставници од основни и средни училишта. Сите тие кои исполнуваат условите добија решенија и можат да бидат спокојни за нивното работно место, рече вд градоначалникот на општина Гостивар Ваљбон Лимани.

Тој не ја соопшти бројката, уште колку наставници ги исполнуваат условите за трансформација на работните места, но напомена дека до крајот на учебната година ќе бидат испратени барања до ресорните министерства. Со тоа, како што рече ќе се заокружи постапката за вработување на неопределено време

– Ова го правиме за да бидат поспокојни и да не размислуваат дали следниот септември ќе имаат или немаат договор за работа, потенцира Лимани.

Решенија се изготвени и за дваесетина работници во општината и во Противпожарната територијална единица кои до скоро работните задачи ги извршуваа со договори на дело или на определено време.

згм

 

Коментарите се затворени.

Radio G