Велигденски концерт на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“

Гостивар, 14 април 2025 – Градското аматерско културно-уметничко друштво „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар го најави традиционалниот Велигденски концерт, кој годинава ќе се одржи во соработка со центарот за култура АСНОМ.

Според најавата годинешниот концерт ќе биде вистински празник на македонскиот фолклор и музика, а ќе биде збогатен и со настапите на гости.

– Програмата ќе биде исполнета со традиција, енергија и заедништво. Публиката ќе има можност да ужива во настапите на сите пет ансамбли на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“, како и на ансамблот „ветерани“ кој од скоро почна да делува во склоп на друштвото. Овој настан воедно претставува уште едно сведоштво за континуираната работа во зачувувањето и промоцијата на македонската културна традиција, вели Предраг Ристески претседател на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.

Специјални гости на вечерта ќе бидат членовите на КУД „Брвеница“, а дополнителен колорит ќе донесе триото на „Браќа Ѓиноски“ со сплет хумористични песни.

– Концертната програма ќе биде дополнета и со изведбата на хумористично-сценска постановка „Прочка“, која произлезе од соработката со ОУ „Гоце Делчев“ од Гостивар, дополни Ристески.

Концертот е во продукција на Центарот за култура „АСНОМ“ Гостивар. Почетокот е закажан за во четврток на (17 април 2025) во 18:00 часот, а влезот е бесплатен.

Коментарите се затворени.

Radio G