Лишени од слобода седум возачи поради пребрзо возење, регистрирана брзина и од 193 км/час
Гостивар, 14 април 2025 – Сообраќајците вчера имале „полни раце“ работа по патиштата низ полошкиот регион. Во направените контроли откриле и санкционирале повеќе прекрошоци за пребрзо возење. Со лисици на раце заради брзо возење завршиле седум возачи од кои и една жена и може да одговараат кривично.
– Полициски службеници од полициските станици за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Гостивар извршиле контрола за пречекорување на максималната дозволена брзина на движење, при што биле констатирани 128 прекршоци (ТЕ-67 и ГВ-61), вели портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи. Тој напомена дека за време на контролата по член 297А – безобѕирно управување на моторно возило од слобода биле лишени седум лица (ТЕ-5 и ГВ-2).
Според извештајот, на автопатот Скопје – Тетово, кај наплатна станица Желино, од слобода бил лишен М.Б.(47) од Челопек, затоа што управувал патничко возило „ровер“ со швајцарски национални ознаки со брзина од 178 км/час на место каде што дозволената брзина е 100 км/час. На истото место од слобода била лишена Р.А.(42) од Тетово, која управувала патничко возило „пежо“ со брзина од 172 км/час. Во полиција завршил и А.А.(33) од село Раковец, затоа што управувал патничко возило „ауди“ со брзина од 193 км/час. На автопатот Скопје-Тетово, од слобода бил лишен В.З.(24) од Желино, управувал патничко возило „ауди“ со брзина од 179 км/час на место каде што дозволената брзина е 100 км/час и С.Ш.(30) од Тетово затоа што со „фолксваген голф“ возел 177 км/час. На патот Тетово-Гостивар, кај наплатна станица Гостивар, од слобода бил лишен А.М.(42) од Скопје кој со „БМВ“ во радарот влегол со брзина од 171 км/час на место каде што е дозволено 80 км/час. На истото место „паднал“ и Н.Б.(54) од Охрид затоа што управувал патничко возило „фолксваген пасат“ со брзина од 165 км/час.
Лицата биле задржани во полициска станица и по документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297а од Кривичниот законик.
Коментарите се затворени.