Гостиварскиот театар ja започна новата сезона, на репертоарот пет претстави
Гостивар, 16 април 2025 (МИА) – НУ „Гостиварски театар“ ја започна новата сезона со подготовки на две претстави. Денес на првата проба се собра актерската екипа која ќе ја игра комедијата „Манијак“. Освен за позвозрасната пубулика, годинава ќе има и една професионална престава за деца.
Гостиварски театар започна со реализација на програмата за оваа година, информираше директорот на установата, Сулејман Рушити на конфереција за новинарите. Планот за оваа година е да се подготват пет претстави од кои една за деца. Во процес на подготовки веќе е претставата „Цилиндарот“ по текст на Едуардо де Филипо, во режија на Афрдита Нухију. Оваа претстава ќе се игра на албански јазик.
Денес беше најавен и почетокот на подготовка на уште еден драмски текст кој пред публиката ќе се игра на македонски јазик. Во претставата која според жанрот е комедија ќе играат актерите Марко Дојоски, Ирена Илиевска и Елизабета Младеновска, а режијата е на Елеонора Теова. Костимите за оваа претстава ќе ги работи Катерина Чукниева, а сценографијата е на Филип Коруновски. Режисерката Теова појасни дека текстот „Манијак“ на Ратко Бијелчиќ е современ и ги третира состојбите кои настануваат од лажните вести во медиумите.
Директорот Рушити за овогодишниот репертоар на театарот напомнеа дека го применуваат концептот и приодот кон публиката според кој, како што рече, барем еднаш годишно секој гостиварец да дојде на претстава. Просторните проблеми и натаму се актуелни и во значајна мера влијаат врз работата. Гостиварски театар почна со работа пред шест години и во него се вработени 35 лица од кои 11 се актери. Претставите се играат на три јазици (албански, македонски и турски).
Коментарите се затворени.