Велигденски концерт на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“: Богата програма, новитети и гости
Гостивар, 17 април 2025 – Традиционалиот Велигденски концерт на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ оваа година предизвика голем интерес кај публиката. Големата сала во центарот за култура беше претесна да ги прими сите заинтересирани, што во друштвото го оценија како добра најава за годинешниот јубилеј и концертна сезона.
На концертот кој се организира во пресрет на православниот празник Велигден, публиката имаше можност да види дел од новата програма со атрактивни кореографии, вокални точки, настап на ветераните игроорци и гостите од КУД „Брвеница“
Концертот го отворија најмладите членови, по што на сцената излегоа учениците од ОУ „Гоце Делчев“ кои ја изведоа хумористична поставка „Прочка“. Првиот ансамбл, вечерта премиерно го изведе сплетот „лазаренки“, а машката група настапи со новата постановка на орото „Скудринка“.
Аплаузи за настапот доби вокалното трио кои ги отпеаја „Праша ли Тинке мајка ти“ и „Зајко Кокрајко“ исто како и групата игроорци (ветерани) поранешни членови на друштвото со кореографијата на „шопска петорка“.
Гостите од соседната општина Брвеница на сцената се претставија со сплетот „раштак“ и песни за Лазара.
Концертот на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ го организираше НУ „Центар за култура „АСНОМ“ со поддршка на Министерството за култура.
Коментарите се затворени.