Деца со попреченост делеа напишани пораки и каранфили во знак на благодарност
Гостивар, 4 декември 2021 (МИА) По повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември на градскиот плоштад се делеа ленти со беџови, позитивни пораки и цвеќе како дел од иницијативата за поголема видливост во средината.
Одбележувањето го организираа здружението When in Trouble и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби во соработка со општина Гостивар.
Маргарита Милошеска од Ресурсниот центар искажувајќи благодарност за поддршката за настанот упати повик до сограѓаните да ја искажат солидарноста и да покажат разбирањето кон лицата со попреченост и нивните семејства.
– Ова е важно особено во секојдневието на семејствата. Мене, на пример мајка на девојче со церебрална парализа, кога треба да завршам некоја работа до банка, шалтер, мора да ја оставам сама дома. Кога има метеж, мора да чекам на ред и детето останува долго време само, а тоа не може само да се снаоѓа. Затоа, лицата кои ќе ги носат ваквите ленти со сончогледи, дајте им предност во редот, рече Милошеска.
Беџовите и другите материјали се изработени со поддршка на локалната самоуправа, чиј прв човек дојде на настанот за да ги поттикне сограѓаните во активностите.
– Како општина минатите години се обидовме да направиме одредени активности, иако никогаш не е доволно за овие деца и семејства. Годинава ги поддржавме и навистина сите заедно треба да покажеме разбирање со отстапување на предност, за да тие не го трошат времето во чекање, рече Таравари.
Тој најави дека лицата со попреченост во општината добиваат поддршка и како последно рече дека забрзано работи на отворањето на центарот за аутизам, кој како што нагласи би бил даден во употреба напролет.
згм
Коментарите се затворени.