Наташа Миха со нов сингл „Сé што знам”
Гостивар, 21 декември 2021 Поп пејачката Наташа Миха има нова песна, насловена „Сé што знам“. Станува збор за поп сингл со модерен звук кој умешно се носи со естетските стандарди на светската музичка сцена, притоа задржувајќи го автентичниот артистички израз и печат на Наташа.
Музиката ја напиша тандемот Дамир Пух – Наташа Миха. Текстот е на Наташа, додека аранжманот, постпродукцијата (целосниот микс и мастеринг) на песната се дело на Дамир. Снимана е во GreenRoom Sound студио во Скопје.
Пред официјалната промоција во „За прв пат на радио“, поразговараме во Наташа за новиот сингл и за плановите. Повеќе од извесно е дека новата песна ќе биде дел од албумот кој е во план.
– Сé што знам” е дело кое дели сличен тематски концепт со моите досегашни авторски песни. Музиката и аранжманот се вистинско звуковно освежување чија колоритност и динамика испровоцираа интимност и игривост во мојот вокален израз. Секоја нова можност за експериментирање и проширување на границите го буди детето во мене, желно за освојување нови хоризонти. Во подготовка сум на свој солистички албум кој сакам да биде објавен во блиска иднина, рече Наташа.
Оваа песна ја следи и видео запис, што го изработи Ѓорѓи Вацев кој е и режисер на спотот.
– Со Ѓорѓи веднаш се согласивме дека битот на песната е она што најмногу движи.Идејата за возење бесен автомобил во планински предели и есенски колорит ме освои од прва. Топло ви препорачувам да ја слушнете „Сé што знам“ додека сте зад волан, искуството е посебно, појасни Миха.
Новата тема „Сé што знам“ е достапна за слушање на YouTube како и на социјалните мрежи, а наскоро ќе биде дистрибуирана и на сите музички платформи како Spotify, ITunes, Amazon music..
Коментарите се затворени.