ОО СДСМ со трибина го одбележа Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј
Гостивар, 24 мај 2022 Општинската организација на СДСМ Гостивар со трибина и пригодна програма го одбележа 24 мај денот на Светите браќа Кирил и Методиј.
Пред сопартијците и гостите лидерот на гостиварските социјалдемократи Игор Вељаноски го честиташе празникот, а беа прочитани неколку авторски творби.
Во честитката, беше потсетено на делата и поуките што ги оставија Светите браќа и нагласено: „Тие нè обврзуваат да се стремиме кон еднаквост и рамноправност, и да градиме општество со еднакви можности за сите без разлика на род, вера, етникум или која било друга припадност. Општество во кое образованието и културата се од суштинско значење и право на секој наш граѓанин.“
На трибината беше кажано дека Светите Солунски браќа Кирил и Методиј се клучни личности во македонската историја, како и за културниот развој на сите словенски народи.
– На прашањето што треба да направиме ние за јазикот, во време на слобода и демократија, во постојна држава, во време на големи предизвици, одговорот треба да биде едноставен – само да го чуваме, негуваме и почитуваме, бидејќи со тоа ја вреднуваме нашата култура и традиција, нашата историја и меморија, го воздигнуваме нашето име и идентитет, одавајќи им на тој начин достојна почит за животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј.
Валентина Николоска во текстот што го прочита ја потенцираше важноста на Кирил Методиј, кои како што рече, се изборија за правото на употреба на старословенскиот јазик во богослужбата докажале дека не постојат мали и безначајни јазици.
Коментарите се затворени.