Заради селфи на трактор ќе го загубел животот
Гостивар, 9 јуни 2022 Момче од Градец имало голема среќа откако по пад, преку него поминала тракторска приколка. Според извори на Radio G, момчето во момент на невнимание додека се сликал со мобилен телефон на приколка која се движела на патот Градец-Гостивар, изгубил контрола и паднал под тркала, по што завршил во болница со скршеници на телото.
Од СВР Тетово информираа дека вчера (8 јуни) во 11 часот и 50 минути во СВР Тетово – ОВР бил пријавен случај на повредување на регионалниот пат Градец-Гостивар. А. И. (18) од гостиварски Градец, паднал од приколка на трактор „имт“ со тетовски регистарски ознаки, што го управувал неговиот соселанец И.Р. (23). Притоа, А.И. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“.
Случајот доаѓа откако СВР Тетово деновиве потсети и апелираше на поголема одговорност при управувањето со земјоделските машини и нивното користење за превоз. Од полицијата уште еднаш потсетуваат на апелот со оглед дека во овој период земјоделците во поширокиот Полошки регион ги очекуваат бројни земјоделски активности на нивните ниви, за чие извршување вообичаено се користи и различна механизација, пред сè трактори и комбајни.
-Земјоделците навреме да ја проверат техничката исправност на механизацијата, соодветно да ја регистрираат и да ја управуваат исклучиво лица со положен возачки испит, а не и малолетници. Се апелира, исто така, ваквиот вид механизација да не се движи по автопатот Гостивар-Тетово-Скопје. Секогаш да им бидат исправни светлосните уреди на тракторите и во вечерните часови да бидат прописно осветлени, наведуваат од СВР Тетово
Особено го потенцираат и превезувањето на други лица во приколки или на импровизирани рампи, да не го прават тоа.
СВР Тетово во наредниот период ќе ги засили контролите на патиштата кои водат кон полето и сите прекршоци соодветно ќе ги санкционира. Паричните глоби, зависно од видот и карактерот на откриениот прекршок, се движат од 20 до 500 евра во денарска противвредност.
згм
Коментарите се затворени.