D’Reamers го објавија четвртиот сингл (ВИДЕО)

Гостивар, 8 јуни 2022 Двоецот Синиша и Јордан кои во музичкиот свет влегоа како D’Reamers на самиот почеток од јуни го објавија и четвртиот сингл. Новата тема има наслов „Тишина“ на публиката ѝ е достапна со видеозапис. Новиот сингл веќе на програмата на Radio G.

„Тишина“ е рок нумера во рок манир со гитарски орнаменти во која до израз доаѓаат и вокалните квалитети на Јордан познат на музичката јавност како Џејмс (Jamezz).

Синиша и Јордан за слушателите и читателите на Radio G ги споделија деталите за новата песна. Автор на музиката и текстот е Синиша Карафилоски, вокалот е на Јордан Ивановски, а аранжманот на Дамир Пух и Наташа Миха. Миксот и продукцијата се направени во нивното GreenRoom Sound студио. Видеозаписот е дело на Небојша Петревски и ProCam студио, а постпродукцијата ја сработи Дарко Јовановски.

– Победничкиот тим не се менува, а секако дека престојат уште многу заеднички проекти на горенаведениот тим, кои веќе размислуваат за наредните музички изданија, велат Јордан и Синиша. Со порака да се слушне и види нивното последно дело „Тишина“

Видеото е снимано на повеќе локации: Маврово, Матка и Гостивар. Главен лик и протагонист во него е Драгана која по снимањето искажа благодарност до целиот тим и за конечниот исход од соработката.

За разлика од претходните три, најновиот сингл и видеото се производ на работа која е планирана повеќе од три месеци, поради замислата и идејата на самиот тим.

– Со „Тишина“, која е перфектно музичко дело, сакавме да добиеме еден автентичен зимско – пролетен времеплов и преку таков запис, да ги меморираме оние убави места во Македонија кои во одреден годишен период зрачат со нивната магија. Тука природата ни дарувала апсолутно сè и навистина не постоеше ниту трошка двоумење околу тоа кон што ќе цели самиот спот. Секако дека со вакви видеозаписи нема да застанеме и ќе се потрудиме и во наредните музички дела да промовираме повеќе реткости од убавините на македонската природа – изјавија Јордан и Синиша.

За убавините и за она што објективот на камерата го уловила можете да погледнете во спотот објавен на официјалниот канал на D’Reamers. Претходно овој гостиварски двоец ги сними: Карма, Милион зборови и Да исчезне сè.

Коментарите се затворени.