Откриени измамниците кои „олеснија“ угостители, фотографи и музичари
Гостивар, 16 јуни 2022 Полицијата ги откри лицата кои изминативе три години измамија повеќе лица на несекојдневен и оригинален начин. Измамниците „олеснија“ за поприлична сума пари неколку угостители, фотографи и музичари. Ним им ветувале ангажмани за настани кои реално не биле закажани и не се одржале. За случајот со измамите осомничени се четири лица, од кои две лица се во затвор и оттаму раководеле со операциите.
Од СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар информираат дека целосно расветлиле вкупно 15 измами. До ОЈО Гостивар вчера (15 јуни) поднесена е кривична пријава против: Б.А.(35) од Скопје и тројца тетовци Р.М. (37), Б.М.(31) и Ш.Ш.(35), поради основи на сомнение дека сториле кривично дело „измама“.
– Четворицата пријавени, од кои двајца веќе издржуваат затворски казни, се сомничат дека во 2020, 2021 и 2022 година со лажно прикажување и со прикривање факти довеле во заблуда повеќе лица во Гостивар. На тој начин противправно дошле поприлични сума на парични средства, наведуваат од СВР Тетово.
Според пријавата, организаторите на овие измами при реализација ангажирале и други лица. За да бидат поубедливи, преку роднини или блиски на оштетените им кажувале дека организираат настан (семинар, семејна веселба, трибини) со повеќе учесници. Некои од оштетените наседнале на измислените приказни па освен што правеле нарачки на продукти, давале и пари во готовина.
Меѓу оштетените изминативе три години имаше фотографи, музичари, угостители и фирми кои се занимаваат со уредување и декорација.
Коментарите се затворени.