Трибина на ОО СДСМ Гостивар: Заедништво и слогата меѓу членството ќе донесат поголем успех
Гостивар, 17 јуни 2022 Општинската организација на СДСМ Гостивар, вечерва во големата сала на центарот за култура одржа трибина на која зборуваа партиски функционери. Тие во обраќањата пренесоа ставови и оценки за актуелните состојби, плановите и критики за слабата активност меѓу поединечни членови.
Лидерот на гостиварските социјал демократи, Игор Велјаноски се осврна на неговата работа во партијата, нагласувајќи дека е релативно нов на таа функција но ќе се залага за враќање на довербата.
– Точно е дека сме повеќе невработени од слободни места, но ќе се воведе ред и ќе има приоритети, за да нема незадоволство. Има и такви кои добија работни места и се повлекоа од партиските обврски. Сепак во овој период мораме да ја одржиме сплотеноста и да заеднички да работиме за победата на следните избори во 2024 година, рече Велјаноски.
Станиша Матески координатор на советничката група на СДСМ во општинскиот совет со сопартијците сподели како се одвива работата во советот каде делуваат како опозиција.
– Можам да кажам дека односот во Советот со колегите советници, иако е коректен и со голема доза на меѓусебно почитување, реалноста е таква што ние многу тешко можеме нешто да промениме кога се одлучува за одлука за која веќе има претходен коалициски договор. Токму поради тоа, можеби не можеме во целост да одговориме на потребите на нашите сопартијци и сограѓани, рече Матески.
Ема Нешковска член на ЦО на СДСМ и член на советот на општина Гостивар покрај освртот за работата во советот таа зборуваше и за проектите кои владата предводена од СДСМ ги реализирала во Гостивар. Таа ги потсети младите социјал демократи да се мобилизираат, да се активираат и како што нагласи да дадат придонес во функционирањето на партиските тела.
– Веќе отпочната е постапка за избор на претседател на локалниот клуб и повикувам сите заинтересирани и амбициозни млади луѓе да аплицирате за претседател и така ЛК на СДММ Гостивар повторно да биде еден од најуспешните, рече Нешковска.
Нешковска повика на единство во партиските редови
– За да ја задржиме власта во наши раце мора да бидеме единствени, сплотени и со заеднички сили да му се спротивставиме на нашиот единствен опонент и непријател-ВМРО ДПМНЕ. Не е време за поделби, за караници и за тактизирање. Не е време за поединечно покажување моќ и превласт. Не смее да има такво нешто во СДСМ. Не смееме да дозволиме да отвораме фронтови и борби сами против себе, да делиме на фронтови, табори или клапи. Како никогаш до сега, сега е време да се обединиме, да бидеме ветер во грб на секој претседател, на секое раководство, на секој член, на секој наш функционер во било која институција
Пратеникот Драгољуб Филиповски-Даци на трибината се осврна и на политиките на СДСМ за кои рече дека се насочени во изнаоѓање оптимални антикризни мерки и заштита на интересите на нашите граѓани и одржување стабилност на македонската економија и енергетскиот систем. Тој, делувањето на ВМРО ДПМНЕ како опозициска партија го оцени како лицемерно, бидејќи во јавноста зборуваат едно, а спротивно на дела. Пратеникот Филиповски повика на единство редовите на партијата со оценка дека ќе се задржат на власт и ќе ги реализираат програмските определби. Од говорницата тој се осврна и на мерките кои Владата ги спроведува за да се олесни животот на граѓаните во време на криза.
– Поради војната во Украина се наметна економска и енергетска криза од која последици трпи цел свет, а Владата успеа да ги заштити граѓаните преку преземените мерки. Таа беше прва во регионот која воведе мерки за заштита на стандардот на граѓаните. Пакетот од 26 мерки вредни преку 400 милиони евра го ублажи ценовниот шок. Некои од мерките ќе се редизајнираат, а еден дел остануваат и се активни, како што е субвенционирањето на електричната енергија. Успеавме рекордно да ги зголемиме платите во образованието, детската заштита, здравството, во полицијата. Очекуваме наскоро и раст на платите и нивно усогласување со минималната плата во сите останати сектори, рече Филипоски.
Коментарите се затворени.