Заврши „Летна школа 2022“ за основците од гостиварските училишта
Гостивар, 15 август 2022 (МИА) Со изложби, демонстрации на наученото и доделување на сертификати за учество, во паркот пред општинската зграда, беше означено завршувањето на манифестацијата „Летна школа 2022“. Учениците од основните училишта од општина Гостивар изминативе шест недели посетуваа курсеви и следеа содржини од повеќе области (музика, спорт, образование, уметност, технологија) по програма што ја подготвија професионални едукатори.
Првиот човек на општината пред свеченоста за доделувањето на благодарниците на волонтерите, напомена дека изминативе денови, голем број од учениците, летниот распуст го поминувале во спортување, учење и рекреација.
– Оваа идеја на наш сограѓанин се реализира на задоволство на сите. Овој пат се покажа дека за добра идеја најпотребна е волја, а не пари. Тоа го на дело го покажаа тренерите и едукаторите кои без надомест беа ангажирани, на што сум им неизмерно благодарен. На оваа школа, децата според нивните афинитети ги искажаа талентите кои ги поседуваат и учеа работи кои не може да ги следат во редовното образование, рече градоначалникот Арбен Таравари.
На почетокот од јули, кога започна „Летна школа 2022“, интерес пројавија 720 деца и триесетина инструктори-едукатори од различни професии. Според планот, едукаторите ги подучуваа и запознаваат децата низ 15 тематски области како: кошарка, фудбал, шах, информатика, архитектура за деца, странски јазици, музика, пеење, свирење, ликовна култура, цртање, боење. Организацијата беше на локалната самоуправа која целосно го поддржа овој проект. згм
Коментарите се затворени.