(In Memoriam) Почина Гале Фиданоски, долгогодишен новинар и директор на Радио Гостивар
Гостивар, 17 август 2022 По кратко боледување на 86 годишна возраст, синоќа почина Гале Фиданоски, еден од основоположниците на гостиварското новинарство и радио-новинарството во Полог. Тој повеќе од две децении раководеше со радиостаницата „Радио Гостивар“ единствениот локален медиум до почетокот на 90-тите години од минатиот век.
Покрај активната и ангажирана новинарска работа во Радио Гостивар, нешто повеќе од 35 години е дописник на Радио Скопје од Гостивар. Соработува и со други електронски и печатени медиуми. Тој важи за основоположник на радио новинарството во Полог, а ќе биде запаметен и како општественик и публицист. Хроничар на едно минато време. Има пишувано за историско-фолклорни теми и повеќе други екс ју-информативни куќи, а најмногу за радио станици и печатени медиуми. Гале Фиданоски има дадено особен придонес во поновата ера на Гостивар и гостиварско извршувајќи значајни општествено политички функции во втората половина на минатиот век.
Гале Фиданоски е роден во 1936 година во село Битуше, каде што ги поминува и своите најрани детски години. По завршување на основното образование се запишува во учителската школа „Никола Карев“ во Скопје. Со дипломата народен учител две години работи во ОУ „Иво Рибар Лола“ во Ростуше. Во 1962 дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје и набрзо е поставен за директор на ОУ „Денче Дејаноски“ во Маврови Анови. По три години работа во Маврово, во 1965 година е примен за новинар-уредник во Радио Гостивар. Таму, како новинар-уредник, односно директор и главен и одговорен уредник останува се до пензионирањето во 2000 година.
Автор е на публикацијата „Априлскиот злостор во Ново Село“ во 1976 година, а како коавтор се појавува во повеќе монографии и публикации. Подоцна (2010) како пензионер ја објавува книгата „Копанка“. Тоа е приказна за битушките гурбетчии со сведоштва на неговиот татко Трпе, кој во тетратка бележел описи за печалбарската традиција и за животот во овој период.
Вечна ти слава, чичко Гале и почивај во мир!!
Коментарите се затворени.