Нова ера на гостиварската кошарка, младинските категории во налет
Гостивар, 22 август 2022 Од оваа сезона КК Гостивар стартува со амбициозен проект за етаблирање на кошарката како спорт Бр. 1 и формирање на втора екипа. За таа цел, раководството на клубот се фокусира на ангажирање на млади сили и школата како извор на нови кошаркари и на младите од градот да им ја всади љубовта кон играта меѓи обрачите.
Со овој проект кој е полн ек, главен акцент се става на школата и мисијата за создавање на идни играчи и всушност е продолжение на активностите чија реализација започна минатата година координаторот, Звонко Михајлоски дава појаснувања околу мисијата на проектот во која во главна улога ќе биде школата, односно младите кошаркари.
-Раководството донесе одлука и сите заедно сериозно влегуваме во проектот со младинската школа. Сакаме да постигнеме поголема масовност, бидејќи досега имавме 70 деца, а целта е до септември овој број да стигне барем 100, а зошто не и повеќе. Потенцијал имаме и тоа треба да го искористиме. Гостивар секогаш имал и ќе има деца што сакаат да играат кошарка, вели Михајлоски
За да се реализираат плановите, направена е програма: Според неа, младите ќе бидат поделени четири категории: мини-баскет екипа (од 7 до 12 години), М14, М16 и М18 екипи кои ќе се натпреваруваат во своите соодветни категории на државно ниво.
Проекциите за 2023 година, е на школата да се пријават околу 200 деца и младинци за активно тренирање и рекреативно. Успесите на клубот и учеството во елитната државна лига се само доказ за долгата традиција во кошарката во Гостивар. Првиот град на Вардар е еден од ретките во Македонија со шампион во Првата лига во машка конкуренција, покрај Кавадарци и Струмица.
Втора екипа: Успесите во спортот се постигнуваат со работа и создавања сопствен погон.
Дел од таа е идеја е домашните играчи да се калат и да се стекнат со неопходниот натпреварувачки ритам и „минутажа“ меѓу кошевите. За таа цел и од скоро се формира втора екипа, Гостивар 2 која ќе се натпреварува во Третата лига на Македонија. Првиот собир на стручниот штаб и играчите се одржа минатата недела (16.08.2022).
Соработката со стручниот штаб на првиот тим на КК Гостивар ќе биде подигната на едно скалило погоре и од тоа се очекуваат резултати. Михајлоски од името на клубот и младите надежи јавно му се заблагодарува Љупчо Малинков за договорената соработка и особено на несебичното споделување на тренерското искуството.
Во тек се уписите во КК ГОСТИВАР, а подолу ќе ги ви ги претставиме тренерите кои ја добија довербата да работат со помладите категории и што планираат.
Петар Ангелов тренер на вториот тим на КК ГОСТИВАР,
Популарниот Пепи ќе ја води втората екипа во која членуваат претежно младинци од М18 и М16 генерациите и неколку повозрасни деца кои се дел од првиот тим и не се постари од 20 години. Неговата идеја е, младите надежи да играат што повеќе натпревари и да се стекнат со потребното искуство и да станат членови на првиот тим.
-Оваа година КК Гостивар за прв пат пријавува екипа во третата лига што ја организира националната федерација. Заедно со колегите од помалите генерации, ќе имаме за задача да им го пренесеме сето наше знаење на децата како на тактичко-технички, така и на психолошко-педагошки план. Оваа година очекуваме да бидеме најбројни со деца кои сакаат да бидат дел од нашата програма, која за прв пат се спроведува во Гостивар. За прв пат нашиот град ќе се натпреварува во сите категории. Најсрдечно им препорачувам на помладите и нивните родители, доколку ја сакате кошарката, имате амбиција, желба и натпреварувачки дух да се зачленат и повелете уписите се во тек.
Денис Селими ќе раководи со младинците од М16 (деца на возрат од 14 до 16 години) и М18 (од 16 до 18 години). Оваа група е наменета за „средношколци“ односно генерациите родени 2007 година и помлади и генерациите од 2005-та и помлади. Овие две генерации ќе се сретнат со новитети на работа што треба да даде резултат и да докажат дека Гостивар е кошаркарски град.
-Во новата сезона при работата со овие две генерации влегуваме со многу новитети. Тие се базираат на подобрување на: агилноста, силата, брзина, координација, прецизност, рамнотежа, работа со топка и без топка, техника, тактика и сл. Нашата цел е да постигнеме нашите деца-играчи еден ден се најдат во нашиот прв тим на К. К Гостивар кој важи за еден од најдобрите клубови во нашата држава и секако да се најдат во тимовите на нашата државната репрезентација
Горан Лазаревски ќе ја води групата М14, односно децата на возраст од 12 до 14 години (родени до 2009 и помлади) кои со следниот исчекор во кошарката и помнувањето низ школата им се отвора можност да бидат дел од еден успешен клуб, првиот тим на КК Гостивар.
-Оваа група има натпреварувачки статус во лига и затоа со децата ќе се работи активно. Конкретно, ќе тренираме на усовршување на основните во кошарката преку вежби кои ќе опфатат усовршување на техниката (водење на топката), правилно додавање и примање на топка, игра во одбраната, тактичка подготовка на натпревари: движење со и без топка во фазите на напад и одбрана.
Со нашата програма, децата ќе бидат подготвени за следниот исчекор во кошарката и приклучок кон понапредна М16 група. Со поминувањето низ школата им се отвора можност да бидат дел од еден успешен клуб, првиот тим на КК Гостивар.
Ќирко Рафаиловски ќе работи со почетниците, односно најмладата категорија М12 (мини баскет). Во оваа група ќе се вклучат основците (деца до 12 годишна возраст) и ќе следат програма прилагодена на нивна возраст.
-Мини баскетот е игра која се сака. Игра, која на децата им дава љубов, среќа, насмевки, задоволство и нетрпеливост во исчекување на повторното играње. Основен принцип ни е забавата, дружбата и развивањето на натпреварувачкиот и спортскиот дух. На децата ќе им се овозможи да уживаат запознавањето со оваа игра. Учењето на кошаркарските елементи се одвива исклучиво преку играта. Во мини баскет величината на топката е помала од вообичаената која се користи во кошарката. Исто така и кошевите се приспособени на одредена висина. Програмата за работа предвидува подготовка на децата за следниот исчекор во кошарката и приклучок кон понапредна М14 група.
Тренинзите започнуваат од 01.09.2022 год.
Повелете, сите сте добредојдени. БИДИ И ТИ КК Гостивар!!!
Коментарите се затворени.