„Медицинско“ за еден месец ќе блесне со нова фасада

Гостивар, 25 август 2022 (МИА) Гостиварското средно медицинско училиште до крајот на идниот месец ќе добие нова фасада, што ќе помогне во заштеда на енергија и создавање на попријатни услови за работа.

На почетокот на работите, покрај училишната управа присуствуваа и претставниците на локалната самоуправа и притоа информираа дека покрај енергетската ефикасност, зградата ќе добие поинаков надворешен изглед.

 Работите ќе траат еден месец, а финансиските средства за овој проект ги обезбеди локалната власт.

            – Со оглед на најавите за повисоки цени на струјата и енергенсите, во соработка со општина Гостивар решивме да интервенираме на фасадата и на тој начин да придонесеме за подобри услови на вработените и ученицте. Во иднина објектот ќе биде енергетски ефикасен, рече помошник директорката Дијана Бојоска на  СМУ Гостивар.

 Средното медицинско училиште во Гостивар е едно од најголемите образовни институции во Гостивар во која над илјада ученици следат стручна настава на три јазици: албански, македонски и турски.

Според раководителката за секторот за образование во општина Гостивар, Аслиан Снопче, која беше посета на училиштето, летниот распуст е искористен за вложување во други училишта

            – Освен во средното медицинско училиште, се работи и во гимназијата, каде се менуваат прозорците. Фасада се уредува и во училиштата во Чегране и Дебреше. Во напредна фаза е и реконструкцијата на градинките. Верувам дека работите ќе се одвиваат со добра динамика, рече Снопче.

Таа потврди дека подготовките за старт на учебната година се навреме завршени, а по денешниот состанок со училишните управи ќе се договорат и поединости околу одвивањето на наставата за претстојната училишна година.

згм

Коментарите се затворени.