Шест дена театарска магија: Започна фестивалот „Отело“
Гостивар, 12 септември 2022 (МИА) Од денес па до сабота, центарот за култура АСНОМ во Гостивар ќе биде дом на театарската уметност. Годинава на шестото издание на меѓународниот фестивал „Отело“ ќе бидат поставени шест театарски претстави од домашната и странската продукција. Фестивалот го отвора претставата „Библиотека на бесконечноста“ на Државниот театар од Анкара, Турција.
Организаторите на фестивалот на денешната прес-конференција ја претставија програмата и содржината на претставите. Според Берат Салиу, извршниот продуцент на фестивалот, годинава на публиката ќе ѝ бидат прикажани квалитетни и различни по жанр претстави со реномирани актери.
– Годинава „Отело“ ќе ја донесе театарската магија овде во Гостивар, со што ќе се направи мост за поврзување на уметниците и публиката, рече Салиу на денешната прес-конференција.
Покрај турскиот ансамбл, годинава пред публиката претстави ќе одиграат: Тиранскиот театар (Албанија), Театар Фабрика (Скопје, РСМ), Спам Студио, (Бугарија), Градски театар „Беким Фехмиу“, (Призрен Косово) и Прешевски театар (Србија).
Директорот на фестивалот, Арѓент Хасани нагласи дека годинава, претставите започнуваат во 20 часот, а влезот за публиката е бесплатен. Тој подвлече дека и годинава ќе се доделуваат награди за најуспешните: актер, актерка, режисер и претстава.
Шестото издание на МТФ „Отело“ се одржува со поддршка на локалната самоуправа, компании и Министерството за култура и ќе трае до 17 септември (сабота)
Коментарите се затворени.