Нема хаварија на ХЕЦ Врбен, оштетен е доводен канал
Гостивар, 30 септември 2022 Нема хаварија на хидроцентралата Врбен, туку се работи за оштетување на доводен канал од која се појавила загуба на вода во системот. Од ХЕС Маврово потврдуваат дека нема застој во работата на системот и производството се одвива редовно.
По написите во некои медиуми, од Електрани на Македонија појаснуваат дека се појавил проблем на доводот Горна Радика, поточно Речки канал. До него дошло како последица на интензивните врнежи во последните неколку дена. Заради појава на лизгање на теренот дошло до оштетување на дел од каналот, при што дел од водата се излева надвор од доводот.
Првиот човек на ХЕС Маврово, Ѓорѓи Божиноски напоменува дека стручни лица и екипи се на терен и ги преземаат сите мерки за санирање на оштетениот дел од каналот.
– Не станува збор за хаварија на цевковод, туку за оштетување кое не влијае врз редовното работење. Загубата на вода која се појавува не влијае врз производството. Преостанатиот дел од системот е во функција и непречено ги носи водите до хидроелектраната Врбен, вели Божиноски.
Коментарите се затворени.