Педесет жени во Гостивар ќе добијат бесплатен мамографски преглед на дојка
Гостивар, 28 октомври 2022 (МИА) Здружението „Езра“ во рамки на активностите за одбележување на месецот на борба против карциномот на дојка, во Гостивар организираше трибина на која покрај жени, присуствуваа и ученици од средното медицинско училиште. На трибината беше посочено на потребата од рана дијагноза и почести прегледи, бидејќи како што беше речено, раното откривање во 90 отсто од случаите води до целосно закрепнување од овој тип на рак.
Њомза Шаќири од Здружението „Езра“ пред учесниците кажа дека во соработка со приватна радиолошка ординација обезбедиле 50 бесплатни мамографски прегледи за жени на кои тоа им неопходно. – Овие жени се на списокот што го добивме од гинеколозите во гостиварската болница. На тој список има околу 200, тоа не е конечната бројка, бидејќи има многу жени кои се прегледуваат и лекуваат во други здравствени установи, изјави Шаќири.
Таа посочи дека здружението има соработка со локалната власт и потсети дека општина Гостивар пред два месеци формираше комисија за заштита на правата на пациентите.
Миранда Рамадани Изаири, радиолог во гостиварската болница укажа на податокот дека болеста ги зафаќа сите возрасни групи.
– Најмладата пациентка кај која е дијагностициран рак на дојка во Гостивар, има 19 години, додека најстарата 80 години, но повеќе ги зафаќа оние на возраст од 45-50 години, рече Рамадани Изаири.
Заблагодаруваќи се на поддршка за борбата против ракот на дојка, Павлина Тримческа кординаторката на здружението „Езра“ напомна дека октомври е обоен розово, ракот на дојката не е розов и затоа таа треба да продолжи особено на оние кои во моментов ја водат најтешката битка во нивниот живот.
Коментарите се затворени.