Наташа Миха со нов сингл: „Мерлин Монро“ е најава за нов албум (ВИДЕО)
Гостивар, 9 ноември 2022 – Наташа Миха минатата недела издаде нова песна со наслов „Мерлин со која го најавува новиот албум што треба да се појави во средината на декември. За синглот е снимен и видеоспот со атрактивна содржина. Радиската промоција во сегментот „За прв пат на радио“ е закажана за денес во 12:00 часот.
За новата песна, Миха ќе каже дека има порака и е своевидна поддршка до сите кои „држат“ до своето и уживаат во животот.
„Мерлин Монро е песна која ги отсликува сите оние храбри индивидуи кои не се плашат да се тотално различни и свои, кои уживаат во животот и зрачат со самодоверба.“
Новиот сингл „Мерлин Монро“ е комплетно авторско дело (музиката и текстот) на Наташа, а на аранжманското обликување заедно работеа со Дамир Пух. Песната е снимена во GreenRoom Sound студио во Скопје, а Дамир ги изработи миксот и мастерингот.
Видеозаписот е дело на Ѓорѓи Вацев. Во спотот, како модел се појавува Калтрина Круезиу, која ја има улогата на современата Мерлин Монро. Сет фотографиите се дело на Бојан Стоилковски. За шминката се погрижи Зоран Шурбевски и неговите асистенти Стефан Кековски и Ангела Маневска.
Наташа, која на македонската сцена се наметна како впечатлив и моќен вокал е академски образуван музичар. Кариерата ѝ започнува во 2020 година со објавувањето на песните: „Кругот“ и „Пеперутка“, а по која следеа „Те сонив“, „Се што знам“ и „Winning Every Game“.
Наташа Миха е фронтмен и клавијатурист на бендот „Station: Innermost“ со кој има издадено концептуално ЕП „Exposure“ и неколку синглови. Соработувала со повеќе музичари, меѓу кои и клавијатуристот Дерек Шеринијан (ex-Dream Theater, Billy Idol, Allice Cooper …). Со бендот има настапувано на фестивали во и надвор од државата, а меѓу последните настапи беа предгрупа на „Deep Purple.“
Коментарите се затворени.