Евроамбасадорот Дејвид Гир во работна посета на Гостивар
Гостивар, 14 ноември 2022 (МИА) – Со процесот пристапување и хармонизирање на законите со европското право, спроведувањето ќе падне на локалните власти и затоа е потребно граѓаните да се запознаат со тој процес. Оваа порака ја пренесе евроамбасадорот Дејвид Гир кој денес оствари работна посета на општина Гостивар.
Шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија имаше средба со градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и членовите на советот на општината. По средбите тој пренесе неколку пораки кои се однесуваа на неговата посета и процесот на евроинтеграција на земјава.
Гир напомена дека една од причините за посетата на Гостивар е да се објасни процесот на пристапните преговори и скринингот и кои чекори до сега се преземени и кои чекори следуваат.
– Меѓу другото и сакаме да споделиме искуства и да ги слушнеме размислувањата на граѓаните, советите и локалната власт. Исто така сакам да потсетам дека спроведувањето на законите кои ќе бидат хармонизирани со стандардите на ЕУ голем дел се однесуваат на локално ниво. Процена е дека околу 70 проценти од тие закони паѓаат врз плеќите на локалните власти кои натаму ќе треба да ги имплементираат. За тоа е неопходна дискусија со сите засегнати страни, изјави Дејвид Гир.
Тој искажа задоволство од плодната дискусија со градоначалникот и членовите на советот на општина Гостивар и потсети дека ЕУ ќе помага, како во процесот на пристапување, така и во максимално искористување на предвидената финансиска помош за општина Гостивар.
Градоначалникот, Арбен Таравари истакна дека посетата била корисна и ја искористи да се заблагодари на помошта која ЕУ преку низа проекти ја пружа на општината. Тој напомена дека изминативе десетина години од ЕУ фондовите на локално ниво се реализирани триесетина проекти со вредност од 4,8 милиони евра.
– Соработката во тој правец ќе се интензивира и наскоро ќе назначиме одговорно лице кое ќе биде задолжено за контакт со канцеларијата на ЕУ и да ги следи јавните повици кои ЕУ ги распишува, за да можеме да конкурираме навреме со квалитетни проекти, рече Таравари.
Градоначалникот напомена дека на евроамбасадорот му ја пренел пораката од мнозинството граѓани во општина Гостивар дека се согласуваат земјата да биде дел од големото европско семејство.
Амбасадорот Гир во текот на денот ќе го посети Здравствен дом Гостивар, кој изминатиов период користеше помош во вакцини против Ковид19 и ќе оствари средби со граѓаните и активисти на НВО.
згм
Коментарите се затворени.