Трибина на СДСМ во Гостивар: „Силно и одлучно кон иднината“
Гостивар 15 ноември 2022 Вечерва членови на СДСМ и поддржувачи на оваа политичка партија на трибина во центарот за култура „АСНОМ“ имаа можност да ги слушнат обраќањата на лидерот Димитар Ковачевски и претседателот на ОО СДСМ Гостивар, Игор Велјаноски. Тие се осврнаа на актуелната состојба во земјата и општина Гостивар.
Претседателот на СДСМ, Ковачевски зборувајќи за изминатите десет месеци во кои ја предводи СДСМ и коалициската Влада, ги потенцира одлуките за продолжување на европскиот пат на земјата и реализираните пакети антикризни мерки и повика на обединување на патот кон ЕУ. Тој оптимистички најави дека следната година ќе биде подобра.
Ковачевски како главна опасност за продолжување по „европскиот пат“ ја посочи опозицијата. Лидерот на Левица, Апасиев го нарече политички пироман, а Христијан Мицкоски негов заложник и политичар без став.
– Мицкоски е слаб, без став, без визија. А човек без став, визија и без одлучност лесно може да биде земен во заложништво. Токму тоа се случува во моментов во македонската опозиција. Имаме идеолошко обезличување на ВМРО-ДПМНЕ, дејствување без компас со единствена цел, да ѝ се наштети на земјата, рече Ковачевски.
На трибината, претседателот на ОО СДСМ Гостивар, Игор Велјаноски истакна дека партијата има одговорен пристап и не се подготвува за избори, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку работи да обезбеди европска иднина на државата.
– Ние се подготвуваме државата да ја изведеме на прав пат и да ја интегрираме во Европската унија. СДСМ за разлика од ВМРО никогаш не калкулирала со рејтингот кога е државата во прашање, подвлече Велјаноски.
Тој, меѓу другото напомена дека во период на економска криза владата на чело со премиерот Ковачевски е спремна да одговори на сите предизвици и се осврна на проектите реализирани од централната власт во општина Гостивар: реконструкцијата на регионалниот пат Гостивар-Србиново, реконструирањето на магистралниот пат Гостивар-Колари, гасификацијата во полошкиот регион. Меѓу поважните проекти кои се однесуваат на гостиварскиот регион тој ги спомена и изградбата на две градинки во селата Равен и Форино и доградбата во детска градинка во Гостивар, изградба на колектор и фекална канализација во урбан блок 21, нов резервоар за зона 3 со капацитет од 5.600 кубни метри.
Коментарите се затворени.