За непропуштање пешаци казнети 116 возачи и 398 лица кои минувале улица надвор од пешачки премин
Гостивар, 23 ноември 2022 – Од почетокот на годината на гостиварското подрачје вкупно се изречени 117 мерки за недавање предност, односно за непропуштање на пешаци, најчесто на обележани пешачки премини. На сите возачи-прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и зависно од видот и карактерот на прекршокот ќе се соочат со парични глоби од 150 до 250 евра во денарска противвредност.
Изминативе девет месеци биле изречени и 398 мерки, претежно за преминување на улиците надвор од обележани пешачки премини или за непочитување на светлосна сообраќајна сигнализација. На овие граѓани им се изготвени поднесоци, а паричните глоби за ваквите прекршоци предвидени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се движат од 30 до 50 евра во денарска противвредност. Дел од пешаците се повикани и на таканаречена сообраќајна поука.
Од СВР Тетово упатуваат апел до возачите секогаш и секаде да им даваат првенство на пешаците, а тие,пак, да се придржуваат на сообраќајните правила и прописи и да не ги преминуваат улиците каде ќе стигнат. На тој начин и едните и другите ќе придонесат за поголема безбедност на пешаците и за намалување на бројот на сообраќајни несреќи со повредени или загинати.
Коментарите се затворени.