Луксузен бокс сет со класична музика:  75 албуми за 75 години Croatia Records!

Гостивар, 12 декември 2022    Во годината во која Croatia Records слави 75 години од своето работење и постоење, (некогашен Југотон), подготвено е специјално издание – луксузен бокс сет со 75 одбрани албуми на класична музика. Под името „75 за 75 – 75 најдобри албуми на класична музика за 75 години Croatia Records“ направена е листа од врвни класични музички дела. Овој дискографски избор е спакуван во специјалната кутија во која се наоѓаат албуми на врвни композитори и музичари со нивните мајсторски отсвирени и отпеани дела

И, кога ќе се помислеше дека со издавањето на ексклузивниот бокс-сет на „Бијело дугме“ од 2014-та, каде се вклучени сите студиски албуми на групата, е допрен врвот во регионалната дискографија, Croatia Records, најголемиот дискограф на овие простори повторно ги поместува границите. Имено, станува збор за капитално дело поделено во пет категории: 1. опера, оперета, балет, 2. хрватски композитори, 3. врвни диригенти и ансамбли, 4. пејачи и 5. солисти.

Тука е и легендарниот „Порин“ на Ватрослав Лисински, и „Еро од оној свет“ на Јаков Готовац, и делата на Бруно Бјелински, Јосип Славенски, Станко Хорват, потоа Загребската филхармонија, Загребскиот квартет, како и легендарните Ружа Поспиш, Љиљана Молнар Талајиќ, Дуња Вејзовиќ, Иво Погорелиќ, се до сега актуелната нова оперска ѕвезда во регионот – Марија Видовиќ.

Репликите на оригиналните албуми, богатата книшка на хрватски и англиски јазик која содржи список на сите композиции, како и други релевантни информации, преглед на професорот Иво Јосиповиќ, поранешен претседетел на Хрватска, и луксузно дизајниран бокс сет, го прават ова издание еден од најголемите потфати на Croatia Records.

Луксузното издание веќе е во претпродажба по цена од 1.123,00 куни (149 евра), а може да се порача и онлајн!

А од другите новости ќе најавиме дека во јануари 2023-та Croatia Records планира реиздавање на два култни винила – капиталните „Дневник једне љубави“ на Јосипа Лисац од 1973 година  и „Као какао“ на Леб и сол од 1987 година. 

Коментарите се затворени.