Полицијата ќе го контролира присуството на малолетници во угостителските објекти
Гостивар, 16 јануари 2023 Родителите во наредниов период ќе треба повеќе да внимаваат на нивните малолетни деца, каде и до кога остануваат при нивните вечерни излегувања. Полицијата најавува контроли по кафулињата и останатите угостителски објекти и ќе се проверува дали им се служи алхокол и дали се без придружба и престојувуваат по законскиот рок.
– Полициските службеници ги засилија контролните активности во угостителските објекти во кои најчесто престојуваат младите во Гостивар и Тетово, со цел да се превенираат или санкционираат евентуални прекршоци од областа на јавниот ред и мир и посебно престојување на малолетници по законски дозволеното време, како и нивно послужување со алкохолни пијалаци, наведуваат од СВР Тетово.
Апелот на полцијата се однесува на сопствениците на угостителски објекти да не им овозможуваат да престојуваат по 24 часот и посебно да не ги послужуваат малолетници со алкохолни пијалаци. Тоа претставува кривично дело за кое според член 204 од Кривичниот законик е предвидена парична или затворска казна од три месеци до три години. Доколку, пак, малолетникот е под 14 години, затворската казна се движи од една до пет години.
Од СВР Тетово потсетуваат дека консумирањето алкохол во поголеми количини, односно оддавањето на пијанство на јавно место е прекршок за кој согласно член 6 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена парична глоба од 50 до 150 евра во денарска противвредност.
Коментарите се затворени.