Гостиварци утре ќе ја испратат хуманитарната помош за Турција

Гостивар, 8 февруари 2023 (МИА) – Граѓаните на Гостивар и околните населени места спроведуваат хуманитарна акција за прибирање на хуманитарна помош и се солидаризираат со погодените од земјотресот во Турција.

Преку иницијатива на група граѓани од синоќа започна прибирањето на храна, облека, ќебиња, греалки и други работи кои ќе се испраќаат за жителите на погодените подрачја.

Градскиот плоштад, денес е собирно место, а во спортската сала се сортираат и пакуваат.

          – Се организиравме самоиницијативно и нашиот повик наиде на голем одзив. Навистина нашиот народ се солидаризира и покажа голема хуманост, вели еден од иницијаторите.

Тој напоменува дека веќе се собрани доволно артикли со конзервирана храна, а повеќе има потреба од ќебиња, јоргани и друг вид постелнина.

Преку денот и попладнево градскиот плоштад е исполнет со граѓани кои носат помош и помагаат во распределувањето на донираните предмети.

Посебна група со волонтери работи цел ден во спортската сала. Енес Менга, директор на салата „Младост“ вели дека од информациите што ги добиваат од Турција, во моментов најголема потребата од ќебиња и детски пелени, упати апел да не се носат многу стари работи.

          – Земјотресот однесе многу животи, затоа ние како граѓани на Македонија, поточно жителите на Гостивар се трудиме да бидеме солидарни со оние кои преживеаа и се во тешка состојба. Започнавме синоќа преку младинска иницијатива и за кратко време нашите очекувања беа надминати, вели Менга.

Тој напомена дека уште синоќа повеќе десетини волонтери почнале да ги сортираат донациите и да ги пакуваат. Според најавите прибраните средства до утре изутрина ќе се натоварат на камиони и ќе се испраќаат директно за Турција, поточно во собирен пункт Истанбул.

згм

Коментарите се затворени.