Промовирана монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“ од Киро Кипроски
Гостивар, 27 мај 2023 – Киро Кипроски, новинар и публицист издаде уште една монографија со која одбележа 55 години творење. Во големата сала за свечености на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, беше промовирана монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“.
На промоцијата покрај домаќинот на свеченоста, Епископот Антаниски г. Партениј, присуствуваа повеќе публицисти, новинари и љубители на пишаниот збор од Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, Битола, Охрид, Куманово, Кочани и од други места од Македонија.
Промотори на ова монументално дело, дванаесетто по ред на авторот, беа Ратко Димитровски и Архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир. За творештвото на Кипроски требаше да зборува Панде Колемишевски, поранешен директор на НИП „Нова Македонија“ но од тој од оправдани причини не присуствуваше. Неговиот текст го прочита монахињата Ефимија од манастирот на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица.
„Денес, ја одбележуваме 55-годишнината од почетоците на кариерата на еден македонски световен новинар кој се потпишува со името Киро и со презимето Кипроски. Самиот овој чин, локацијата на која се оддржува овој настан, зборовите и писмото што во овој момент ги користиме се доволен доказ за нашата нераскинлива врска од времето на Солунските Браќа до денешните дни“ – стои во беседата на Колемишевски.
Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“ аналитички ја презентираше архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир.
„Тоа е плод на личното доживување, на истражувањата, патувањата, собирањата, на средбите и емоциите на љубителот на словото, патеписецот Киро Кипроски и затоа запишаните слова имаат духовна тежина и вредност, наспрема стерилните зборови, лишени од дух и живост во нашево доба. Ова не е дело напишано со помош на Google и на „вештачката интелигенција“, туку е дело со жива и човечка енергија и есенција.
Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво“ Кипроски ја подготвувал 25 години, со благослов на блаженоупокоениот Митрополит Полошко-кумановски Кирил, и последните десет години со благослов на сегашниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Кипроски последните две години, како што самиот истакна, интензивно ја подготвувал и притоа по неколку пати ги посети сите духовни светилишта во четириесетте села на гостиварското архиерејско намесништво и седумдесетината цркви, манастири, параклиси и свети крстови. Целиот материјал е сместен во луксузно книжно издание, на 470 страници, со двесте црнобели и колор фотографии и факсимили.
Свеченоста во Бигорски манастир ја збогати и легендата на македонската народна песна, композитор и текстописец Ванчо Тарабунов.
Коментарите се затворени.