Предадено во употреба педијатриското одделение на гостиварската болница

Гостивар, 1 јуни 2023 – Од денес, на одделот во кој се лекуваат деца има поубави и попристојни услови. Министерот за здравство, Фатмир Меџити на пригодна церемонија и во присуство на Артан Груби првиот заменик на претседателот на Владата, Фатон Амети, дирекотр на ФЗОМ и други личности од јавниот живот го предаде во употреба целосно реконструираното детско одделение во гостиварската болница.

Тој во обраќањето напомена дека овој зафат претставува капитално вложување на болничката управа која заедно со општествено-одговорни чинители целосно го реконструираа и опремија делот во кој се лекуваат најмладите пациенти.

– Со задоволство можам да констатирам дека гостиварската болница претставува успешен пример како може да се подобрат условите за третман со заеднички заложби и на болницата и на општествено одговорни компании. Посебна благодарност изразувам за сите општествено-одговорни компании кои учествуваа во подобрување на условите за третман на децата, рече министерот Меџити.

Илбер Адеми, директорот на општата болница „Ферид Мурад“, напомена дека во изминативе педесет години ова е прво посериозно вложување за подобрување на условите во детското одделение. Пуштањето во работа, како што напомена е избрано токму на 1јуни, Меѓународниот ден на децата.

– За опремување и уредување на просторот од 700 квадратни метри, кое започна лани вложени се над 14 милиони денари со што се обезбедени најмодерни услови за престој и лекување. Во уредувањето многу помогнаа и учениците од средното техничко училиште кои му дадоа убав изглед на одделот, рече Адеми.

Одделот за педијатрија со реконструкцијата доби целосно нови тоалети на одделот, нова електрична инсталација, под и столарија. Дополнителното опремување со немедицинска опрема: работни маси, инвентар, работни маси, нови детски кревети и климатизери го овозможија неколку компании и организации.

Министерот за здравство Меџити напомена дека се води сметка и за зајакнување на кадарот на овој оддел во гостиварската болница и како што кажа, во моментов има 3 доктори на специјализација, од кои два се враќаат за една година.

Гостиварската општа болница со околу 520 вработени пружа здравствени услуги на секундарно ниво на жителите од три општини.

згм

Коментарите се затворени.