Одбележани 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски Даме
Гостивар, 29 јули 2023 – Со пригоден собир во селото Ниќифорово беше одбележана стогодишнината од раѓањето на Чеде Филиповски Даме народен херој од НОВ.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во обраќањето ги истакна придонесот и пожртвуваноста на Чеде Филиповски во отпорот и борбата за ослободување од фашистичката окупација за време на Втората светска војна и создавањето на државата.
– Ние не смееме да ги забораваме великаните на НОБ, туку секогаш одново да се инспирираме од нивната борба и жртва за нашата слобода. Чувајќи го споменот за нив, се потсетуваме и на вредностите неопходни за да се изгради слободно и праведно општество. Слободата се стекнува еднаш, но, мора да се чува и штити постојано. Само така ќе имаме образ да кажеме дека сме достојни наследници на овие јунаци, и да покажeме дека нивната жртва не била залудна, рече претседателот Пендаровски.
Братот на Чеде, Ацо (87) на собирот се обрати со говор што го прочита неговиот внук Петре Ристовски и посочи дека трагичната погибија не е во целост расветлена.
– Одејќи со мотор од Скопје кон Струмица, за да ја преземе командата на 48. Дивизија Чеде загинува во сообраќајна незгода, ноќта на 30 јуни, 1945 година, во близина на Радовиш. Животот го заврши со неполни 22 години.
Погибијата на Чеде беше страшен и неочекуван шок за нас како семејство и за сите кои ја познаваа оваа силна харизматична личност. Сметам дека тоа што се случило во сообраќајната несреќа не прилега на вистина, повеќе личи на нешто предвреме осмислено. Прераскажаната верзија за сообраќајката звучи многу наивно, остава место за сомнежи и шпекулации, беше наведено во говорот на Ацо Филиповски.
На соборот беше прикажан и документарен филм во кој низ сведоштвата на истакнати личности беше истакнат значајот на Чеде Филиповски во Втората светска војна.
На бистата и спомен чешмата во родното село на народниот херој, делегации положија цвеќе, а беше изведена и пригодна културно уметничка програма со настапи на членовите на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.
Чеде Филиповски Даме пред почетокот на војната работел како ѕидарски работник во Белград. Набрзо се вратил во Македонија и бил еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај. Извршувал значајни функции во партизанското движење и бил член на АСНОМ. Загинал на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа во радовишко. Иако постојат сомнежи, погибијата и ден денес се води како несреќен случај. За неговиот придонес во НОБ на Македонија за покажаната храброст по предлог на маршалот Јосип Броз Тито, беше одликуван со орден Народен херој на 2 август 1949 година. Неговото име го носат повеќе улици и установи во земјава.
Коментарите се затворени.