Апелациониот суд Гостивар и годинава работи со помалку судии и помошен персонал

Гостивар, 25 октомври 2023 (МИА) – Со помал број на судии, помошен персонал и просторни проблеми Апелациониот суд Гостивар успева да биде ажурен, ваква оценка даде претседателот на судот, Беким Мехмеди на Отворениот ден, кој е дел од активностите за одбележување на Европскиот ден на правдата, 25 Октомври.

– Екипираноста е проблематична и така е неколку години наназад. Во моментов функционираме со помалку судии. Имаме испразнети четири судиски места, па наместо 16 сега сме со 12 судии и претседател, рече Мехмеди.

Во делот на статистиката судот имал помал прилив на предмети, во споредба со претходните години. Годинава, гостиварската апелација ја започна годината со 941 предмет, а примени биле 2.338. Во изминативе девет месеци, вкупниот број на предмети на кои се работи е 3.270, од кои решени се 2.230 предмети, а остануваат уште 1.049. Според Мехмеди, постојат реални изгледи, судот годината да ја заврши како ажурен.

Според него, голем проблем со приливот на предмети доаѓа од недостигот на судии во основните судови. Како најлоша, ја оцени состојбата во кичевскиот суд каде повеќето судии отишле во пензија, а работата ја вршат делегирани судии. Тоа како што вели првиот човек на гостиварска апелација, во значителна мера влијае врз роковите на судските постапки.

Како позначаен проблем, го посочи и одржувањето на објектот и пристапот, кој според Мехмеди, оваа институција ја прави недостапна за сите граѓани, особено за лицата со попреченост.

– Судот е на трет кат и нема лифт или посебни скалила за да можат да дојдат, повозрасни изнемоштени лица. За да овозможиме присуство на таквите лица, бараме и помош, потенцира Мехмеди.

Мехмеди на новинарско прашање да коментира и даде оценка околу нискиот рејтинг на судството, тој посочи дека анкетите не ја даваат во целост сликата за судството.

– Многу е важно да се сфати дека судството е дел од еден систем во кој се и други институции кои го обезбедуваат остварување на правото. За да бидат тие оценки поточни и пореални, треба да се земе предвид, дали тие доаѓаат од граѓаните кои имале директен контакт со судовите или тоа е оценка врз основа на информациите кои до нив доаѓаат, рече Мехмеди.

Тој потсети дека од формирањето во 2007 година, оваа институција го покрива подрачјето во кое делуваат судовите во Дебар, Кичево, Гостивар и Тетово.

Целта за одбележување на Европскиот ден на правдата е приближување и спроведување на правдата до граѓаните и истовремено тие да бидат запознаени со нивните права. Исто така, на овој ден граѓаните и студентите по право да се запознаат со функционирање на системот на правосудството.

Коментарите се затворени.